Македонија
17. April 2024 - 12:31

100 болни и изнемоштени лица во Штип се пријавиле за гласање во домашни услови

Ноќеска на полноќ истече рокот за пријавување на болните и изнемоштени лица кои сакаат да гласаат во домашни услови. Во ОИК – Штип, преку уредно доставени апликации на емаил адреса и со директна достава на лекарска документација, извештај од специјалист дека лицето е болно и немоќно, не може да ги извршува своите основни животни функции и активно решение за користење туѓа нега или решение за користење мобилност се пријавиле 100 лица кои своето право на глас ќе можат да го  искористат на денот пред Претседателските и Парламентарните избори, на 23 април, односно, на 7 мај. 

- ОИК на седница која ќе се одржи на 17-ти април, денес, ќе донесе одлука дали овие лица ќе можат да гласаат во домашни услови или нема да можат, согласно доставената документација- изјави Виктор Вацев, претседател на ОИК – Штип

Во споредба со локалните, на претстојните избори во штипско се укинуваат уште 3 избирачки места кои имаат помалку од 10 гласачи. Тие ќе можат да гласаат во најблиското соседно гласачко место.

- Лицата од село Софилари ќе гласаат во село Драгоево, од село Брест ќе гласаат во село Лакавица и од село Горачино ќе гласаат во село Лесковица, – додаде Вацев.

Доверливиот избирачки материјал, списокот и гласачките ливчиња се очекува да пристигнат во сабота или недела.