За разликите меѓу ковид и настинката

Кашлицата и кивањето се неизбежни во ова време од годината. Покрај тоа, и нови соеви на коронавирусот се раширени, а во морето од информации и лажни информации, сè потешко е да се каже дали болното грло и растечениот нос е знак на ковид-заболувањето или обична сезонска настинка.
Што предизвикува настинка, а што – ковид? Според лекарите, настинката е предизвикана од низа различни вируси, но најчестиот причинител е риновирусот.
– Тој „сака да се насели“ во носот и грлото. Ковидот, од друга страна, е предизвикан од вирусот САРС-КоВ-2, а тоа е еден вид коронавирус. И двата вируса го напаѓаат вашиот систем за дишење, но ковидот е склон да влијае и подлабоко – понекогаш на белите дробови, па дури и на други органи, појасни д-р Чун Танг од „Пал-мал медикал“ – приватен здравствен центар во Велика Британија.
Својства на новите соеви и варијанти на ковид
„Стратус“ (Stratus, Икс-еф-ге) и „Нимбус“ (Nimbus, НБ.1.8.1) се некои од новите варијанти на сојот омикрон-коронавирус.
– „Стратус“ е поврзан со засипнатост и замор, а „Нимбус“ со чувство на гребење во грлото и дигестивни симптоми како што се гадење и надуеност. И двата се многу заразни, но не се поопасни од претходните варијанти, објаснува д-р Бруно Силвестер Лопез, професор на Универзитетот „Тиссајд“ во Велика Британија.
Како што е познато, и коронавирусот и настинките се шират главно преку капки од телесните течности.
– Односно, кога некој (заболен) кашла, кива, па дури и кога зборува во ваша близина. Сепак, ковидот може да се шири и низ воздухот преку ситни честички, аеросоли, коишто остануваат во воздухот, особено во преполни или лошо проветрени простори. Значи, додека настинката бара малку поблизок контакт за да се пренесе, ковидот може да се прикраде и на другата страна на просторијата, ако немате среќа, додаде Танг.
Знаците на настинка и ковид може да бидат тешки за разликување бидејќи многу од тие симптоми се преклопуваат.
– Со обете болести, може да имате болно грло, течење или затнат нос, да кивате и кашлате. Сепак, ковидот може да предизвика и треска, замор, болки во мускулите и она карактеристичното губење на чувството за вкус или мирис, иако е поретко кај поновите варијанти. Кај ковидот, исто така, има поголема веројатност „да ве нокаутира“, како „да ве удри“ камион, а настинката нема такво својство, вели лекарот.
Прашан, дали симптомите на настинка и ковид траат исто, Танг вели дека настинка обично трае меѓу една недела и 10 дена, а пак, симптомите на ковид обично траат до две недели, но и подолго, дури и со месеци.
– Ковидот може да предизвика и сериозни компликации, како што се пневмонија или долгорочен ковид, што влијае не само на респираторниот систем, туку и повеќе, нагласи Танг.
Дали постојат различни третмани за настинки и ковид?
Настинката, според докторите, може да мине и со одмор, многу течности и лекови без рецепт како „Ацетаминофен“. И благите случаи на ковид се третираат слично, но на луѓето изложени на поериозна опасност, обично им се препишуваат антивирусни лекови.
Д-р Танг вели дека сепак треба да се тестирате за ковид, особено ако не се чувствувате добро или работите со здравствени работници, или во дом за стари лица.
– Тестирањето ви помага да донесувате информирани одлуки, како на пр. да останете дома ако добиете позитивен тест. Така, ако имате висока температура што не се намалува, или пак, тешкотии со дишењето, болка во градите или ако вашите симптоми траат повеќе од 10 до 14 дена без подобрување, треба да го посетите вашиот матичен лекар, советува Танг.
На крај, лекарот повторно препорача почесто миење раце, проветрување на просториите и „да не го допирате лицето премногу“, нагласи Танг.
– Избегнувајте и близок контакт со луѓе кои очигледно не се чувствуваат добро, а ако се чувствувате лошо, бидете внимателни кон другите, останете дома и одморете се. За ковид, вакцинирањето со најновите препорачани вакцини за моментно циркулирачките соеви обезбедува одлична заштита и не ја потценувајте моќта на добриот сон, урамнотежената исхрана и редовната физичка активност, истакна лекарот.
Неговиот совет, во оваа смисла, гласи: Секогаш верувајте им на вашите инстинкти, па ако сте загрижени, одете на лекар.
МИА
Ново на Сител
-

Владата на Тајван по предупредувањето од Трамп: Островот е независна нација
-

САД планираат да поднесат обвинение против Раул Кастро за инцидент од 1996 година
-

Најниска температура изутринава во Берово, Лазарополе и Попова Шапка
-

Шестмина убиени во сомнителен израелски напад во јужен Либан
-

Стејт департмент: Израел и Либан се согласија на 45-дневно продолжување на примирјето
-

Трамп: Убиен е заменик-лидерот на Исламска држава во американско-нигериска операција
-

Врховниот суд на САД го отфрли барањето на демократите од Вирџинија за прераспределба на изборните единици
-

Трамп: Договорот за продажба на оружје на Тајван е многу добра преговарачка алатка со Кина
