Македонија
1. November 2015 - 11:29

Усвоени развојни програми за Берово за 2016 година

Советот на Општина Берово ги усвои развојните програми за општината за 2016 година, според кои Берово наредната година ќе гради прочистителна станица во градот, канализациска мрежа во село Мачево, улица во населбата Ширината, детска градинка, како и кружна крстосница  на влезот во градот.
 
Крстосницата ќе биде лоцирана на главната улица „Маршал Тито“, а средствата во висина од 8,5 милиони денари се обезбедени преку Програмата ИПА. Од Општината информираат дека до крајот на годината ќе биде распишан тендерот, а градежните работи треба да завршат до  декември 2017 година.
 
Вкупната вредност на сите проекти планирани за развој е околу 80 милиони денари. Инаку, како што истакна Ѓорѓи Пеовски од Општина Берово, во развојните програми планирани се и средства за дореализација на проектот од областа на екологијата,  кој се однесува на реконструкција и заштеда на енергија во  градинката „23 Август“ во село Русиново. Овој проект Берово го работи во партнерство со општина Гоце Делчев од соседна Бугарија, финансиран преку ИПА програмата.
 
- Целите на овој проект се да се зголеми енергетската ефикасност во  детските градинки во двете општини во пограничниот регион, да се намали загадувањето на животната средина, како и развој на образовна еколошка програма за обновлива енергија и заштита на животната средина за малите деца, потенцираше Пеовски.
 
Проектот е финансиран преку ИПА програмата, а треба да заврши до  мај 2016 година.