Турција годинава ја погодија 53.262 земјотреси

Турција годинава ја погодија вкупно 53.262 земјотреси, во просек шест земјотреси на секој час, што е втора година со најмногу регистрирани потреси во земјата, веднаш по 2023 година, изјави денеска професорот на Универзитетот Гази во Анкара, Булент Озмен.
Според него, во текот на 2025 година се забележани 437 земјотреси со јачина поголема од 4 степени според Рихтеровата скала, од кои 412 биле со јачина од 4 до 5, 20 помеѓу 5 и 6, додека пет земјотреси биле со јачина од 6 до 6,9 степени.
– Овие податоци покажуваат дека во Турција во просек секој ден се случува по еден земјотрес со јачина од 4 степени, на околу 15 дена земјотрес со јачина од 5 и повеќе, а на секои 73 дена потрес со јачина од 6 и повеќе степени. Тоа значи дека земјата во просек е погодена со околу шест земјотреси на час, односно 146 дневно, изјави Озмен за агенцијата Анадолија.
Најзначајниот земјотрес во годината, како што рече, бил потресот со јачина од 6,2 степени кој на 23 април го погоди Силиври, а кој, според неговата оценка, уште еднаш потврди дека сеизмичкиот ризик во Истанбул и понатаму е висок. Како втора важна низа земјотреси ги издвои двата потреси со јачина од 6,1 степен кои на 10 август и 27 октомври го погодија Синдрги. Од 10 август до денеска во тоа подрачје се регистрирани околу 21.000 земјотреси, што може да се смета за најголем број потреси некогаш забележани во еден округ во Турција.
Озмен предупреди дека во Турција и понатаму постојат голем број објекти кои не се отпорни на земјотреси, наведувајќи дека и потресите со јачина над 5 степени понекогаш доведуваат до сериозни оштетувања, поради што, како што истакна, неопходно е да се забрзаат проектите за обнова.
Во земјотресите во текот на 2025 година загинаа три лица, додека 594 луѓе беа повредени, при што сите повреди, како што наведе, биле последица на паника. Озмен оцени дека тие податоци јасно укажуваат на потребата од зголемување на бројот на едукации за однесување во вонредни ситуации, кои би требало да ги спроведуваат стручни и квалификувани лица.
МИА
Ново на Сител
-

„Безбеден град“ - системот чита регистарски таблички и при брзини од над 200 километри на час во услови на дожд и магла
-

Трета европска титула за Данска за славје во Хернинг
-

Ѓоковиќ: Карлос млад си има уште време пред тебе
-

Алкараз е новиот шампион на Австралија опен
-

Хрватска го освои бронзениот медал
-

Најмалку 16 лица загинаа во две одвоени сообраќајни несреќи во Турција
-

Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози, останува забраната за камиони и автобуси на патот Шипковица-Попова Шапка
-

Мицкоски: Понудата до синдикатот е на маса една година, но мора да се преговара делот за плати во ОКД
