Традиционално дефиле под маски на Вевчанскиот карневал

Со традиционалното дефиле под маски денеска напладне почнува официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.
Маскирани, вевчанци на сатиричен начин, зачувувајќи ја речиси 15-вековната традиција ќе ги прикажaт случувањата од изминатата година во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во светот. Секоја маска носи порака, став или критика кон општеството, политиката или секојдневниот живот. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар, испраќајќи порака за промена на негативните случувања во општеството. И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримилв народ, верни на традицијата, ќе кажат се, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат. Изработката, велат, е сложен и креативен процес со рачно изработени оригинални идеи, што ги прават уникатни.
Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, без сценарио и режија организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи. Веднаш по нив следуваат останатите маски, секоја со своја приказна, ќе го привлече вниманието на присутните.
Дефилето почнува попладне, од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде маскираните го вртат Василичарското оро. Потоа ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци (колбаси), леб, пари и други дарови. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.
Утре, на верскиот празник Свети Василиј Велики одат по имендени во семејствата чии членови го носат името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори.
Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели и групата „Вип“.
Манифестацијата почна синоќа со настапи на Влатко Лозаноски, рап-дуото „Пука козметика“ и „Брас брадрс“.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп имал „многу добри разговори“ со Путин, очекува брз крај на војните во Иран и во Украина
-

ПМФЛ: Вардар сигурен против Тиквеш, Пелистер победи во Струмица
-

Кој е човекот што пукаше на гала вечерата на Трамп со дописниците од Белата куќа
-

Кениецот Саве прв истрча маратон под два часа
-

Четворица малолетници ограбиле маркет во ГТЦ, при претрес пронајдени нож и електрошок
-

Маж од кичевско додека возел се пожалил на болка во градите, излетал од патот и починал
-

74-годишна жена паднала при нагло кочење на автобус во кој се возела и тешко се повредила
-

Контрола на полицијата на патниот сообраќај во неколку општини, уапсено едно лице, изречени 12 мерки
