Бизнис
31. August 2017 - 13:03

Стопанска комора: Да се расчисти и врати во функција обиколницата над Битола

Решавање на функционалноста на регионалниот пат Прилеп - Ресен, односно на обиколницата над Битола, бараат компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија.

Претседателите на здруженијата, асоцијациите и групациите при Комората на вчерашната работна средба во Охрид едногласно одлучија да упатат апел за решавање на ова прашање со предупредување дека обиколницата е претворена во депонија, а активно е и свлечиштето.

- Лошата слика која е создадена од расфрланиот смет, како и активното свлечиште кое доведува до одрони на патот, претставува проблем и опасност за нормално одвивање на патничкиот и товарниот сообраќај, за што е неопходно да се најде итно решение со кое оваа обиколница ќе се врати во функција, наведува Стопанската комора во соопштението.