Шефицата на дипломатијата на Гренланд по средбата со Венс и Рубио: Притисокот беше неподнослив

Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцфелд, едвај ги задржа солзите за време на преносот во живо на гренландската телевизија КНР веднаш по средбата со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Белата куќа.
Видливо потресена, со раката на градите и треперење на гласот, Моцфелд зборуваше за огромниот психолошки притисок под кој била во последните денови. Како што рече, настаните што се одвиваа беа „премногу за една личност“.
„Последните неколку дена беа исклучително тешки. Притисокот постојано се зголемуваше и се подготвувавме за секое можно сценарио“, рече министерката признавајќи дека се обидела да им ги пренесе на американските претставници стравот и неизвесноста што ги зафатиле жителите на Гренланд поради честите и отворени пораки што доаѓаа од Вашингтон.
На состанокот присуствуваше и данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, кој подоцна призна дека делегацијата не успеала да ја промени позицијата на Соединетите Американски Држави.
Расмусен отворено изјави дека е јасно оти претседателот Доналд Трамп сè уште сака да го преземе Гренланд. „Никогаш не очекував дека ова може да се промени во еден разговор“, рече данскиот министер за надворешни работи. Единствениот конкретен исход од состанокот, рече тој, е договор за формирање работна група на високо ниво, која ќе се обиде да се справи, како што рече, со „загриженостите“ на американскиот претседател. Сепак, тој нагласи дека нема гаранција оти иницијативата ќе даде резултати.
Во меѓувреме, властите на Гренланд, соочени со зголемен притисок, ја менуваат тактиката. Пораката што сè повеќе се слуша од Нуук е дека сега не е време за коцкање, туку за претпазливи и промислени потези.
Доналд Трамп во последните недели постојано повторуваше дека Гренланд, поради својата стратешка локација и богатството на минерални ресурси, е клучен за безбедноста на Соединетите Американски Држави. Тој тврди дека Вашингтон мора да има контрола врз островот за да ги спречи Русија или Кина да го прошират своето влијание таму. Во исто време, тој рече дека сите опции се на маса, што предизвика сериозни превирања и загриженост во рамките на НАТО.
МИА
Ново на Сител
-

Руте: Словенија, Албанија и Чешка не ја исполнија целта на НАТО за одбранбени трошоци
-

Николоски-Баша: Изградбата на автопатот Скопје – Блаце е клучна за економската соработка меѓу Македонија и Косово
-

СП 2026: Нејмар нема да настапи против Хаити
-

СП 2026: Роналдо повикува на фокус на следниот натпревар
-

Украина и Русија повторно разменија тела на загинати војници
-

Бројот на новороденчиња во Грција за една година намален за 4,2 отсто
-

Израел објави нова карта на териториите под контрола на ИДФ во јужен Либан
-

Двајца поранешни претседатели на ФФМ осомничени за проневера на над 180 милиони денари
