Претседател на Чешка: Еднаш ќе мора да собориме некој руски авион

Претседателот на Чешка, Петр Павел, денеска во Соколов во дебата со ученици изјави дека не смее бесконечно да се толерира руското упаѓање во воздушниот простор на членките на НАТО и дека сојузниците некогаш ќе мора да соборат некој од тие борбени авиони, како што тоа своевремено го направи Турција.
– Има народи на кои им е доволно да им се каже: немојте тоа да го правите, лошо ќе заврши. Во случајот на некои, мора лошо да заврши за да сфатат дека тоа не е исправен пат. Русија денес го пробува тоа со нас. Тестира не само како функционира противвоздушната одбрана на одделни земји, интегрираниот систем на НАТО, туку и колку сме решени навистина да се браниме, рече претседателот во дебатата со ученици од регионот Карлови Вари на западот на земјата.
Павел предупреди дека Русија е држава која во сè што прави ја почитува исклучиво силата, додека воздржаноста ја толкува како слабост, а според Русите слабиот не заслужува ништо друго освен да биде подлога за бришење нозе.
– Не велам дека би требало секое упаѓање во воздушниот простор да го казниме со соборување на руски воен авион, но ако тоа биде неопходно, ако тие продолжат со упадите, тогаш ќе мора еднаш тоа да го направиме за Русите да сфатат дека постојат правила и дека тие не се кршат, рече Павел.
Чешкиот претседател на учениците им раскажа дека додека бил на чело на Воениот комитет на НАТО, Русија постојано го нарушувала турскиот воздушен простор.
– Провоцираа, тестираа до каде можат да навлезат сè додека Турците, кога авионите упаднаа по десетти пат, не се налутија и едноставно соборија два-три авиони. И дојде мир, рече Павел.
Тој додаде дека не се исполниле стравувањата дека тоа ќе доведе до ескалација и криза бидејќи Русите сфатиле дека се казнети за она што се обидувале.
– Русија сфати дека пред неа стои противник кој нема да дозволи нарушување на својот воздушен простор и престана да го прави тоа, рече Павел.
Петр Павел, според најновата анкета, по Вацлав Хавел е најомилениот претседател на Чешка, а по него како трет остана Вацлав Клаус, додека Чесите за најлош претседател кого го имала Чешка го означија претходникот на Павел, Милош Земан.
МИА
Ново на Сител
-

Викендов се затвора конкурсот за шеф на ОЈО ГОКК - Пријавени се четворица кандидати
-

Мицкоски задоволен од растот на економијата - СДСМ обвинува за историско задолжување
-

Македонија под висок ризик за пожари: И ноќеска скопјани спиеја со затворени прозорци поради пожарот во Ѓорче Петров
-

Ристески: Со училишната кошничка едно семејство со два ученика заштедува и до 3.000 денари
-

Струја нема вода нема, револт во Чешиново
-

Да се инвестира во надоградување на домашните работници, а не да се увезува работна рака
-

Охрид ќе добие Младински Културен Центар
-

Општина Струмица набавува пет нови возила за модернизација на ЈПКД Комуналец
