Православните верници го слават Богојавление-Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Манифестацијата ќе се одржи на мостот „Слобода“, кај хотел „Холидеј ин“.
Одбележувањето почнува во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во која ќе учествува и архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан. Литургијата ќе заврши околу 11 часот, а потоа ќе следи голем освет на водите во припратата на црквата.
Околу 11:15-11:20 часот, архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“. Таму веднаш ќе почне церемонијата „Водици“, каде архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар, околу 12 часот.

Од Скопската православна епархија при МПЦ-ОА апелираат верниците да бидат присутни во храмовите, да учествуваат активно во божествената литургија со тоа што ќе се причестат. Сите верници, пак, кои ќе се обидат да го фатат крстот тоа да го прават од верски побуди, достоинствено, со почит и со страв божји.
Богојавление-Водици се одбележува и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот кои се водат според Јулијанскиот календар.
На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.
Ново на Сител
-

Тема на денот со Златко Кузманов, експерт за безбедносни политики
-

Скопска парада 2026
-

Мицкоски денеска на средба со ЗНАМ, реконструкцијата готва до 1 јули
-

Уметници од Mакедонија, Бугарија и Грција вечерва во изведба на “Кармина Бурана” во Скопје
-

Мицкоски најави нова средба со маркетите за пониски цени на храната
-

Прилеп доби 8.320 канти и 126 контејнери за селекција на отпад како и 3 нови возила за собирање на отпад
-

Импортиран случај на зика во земјата, заболениот Македонец бил на Малдиви
-

Во Преспа се одржа трката „Prespa run and fun“, спортски настан чија цел е промоција на овој крај
