Македонија
10. November 2017 - 14:15

Пополнети хотелите во Берово, Охрид и Скопје за Нова Година

 Пополнети се хотелите во Берово, Охрид и Скопје за новогодишните празници. Македонија станува се поинтересна дестинација поради што, според туристичките работници, треба да се размислува за зголемување на хотелските капацитети.

Првпат, на барање на туристите, организирана е и чартер група од Анталија.

- Кога имаме најави од други држави, особено за Нова Година, може да се случи во хотелите да нема место. Мислам дека има потреба од повеќе капацитети, не само во квантитет, туку и во квалитет, изјави денеска Ветон Груби од ЕТЦ Травел пред денешниот бизнис форум во Стопанската комора на Македонија.

Чартер авионите слетуваат во Скопје од каде се реализираат три или четиридневни програми низ Македонија.

Груби информира дека освен од странство, интерес за славење на претстојните празници тука има и од нашите граѓани. Тоа се должи, рече, на подобрената целокупна атмосфера во државата.

Од понудата за странство, земјите од регионот, Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Црна Гора, се уште се најатрактивни за македонските туристи, но интерес има и за подалечните дестинации, Мадрид, Куба и Дубаи. 

- Хит дестинација е Дубаи за каде се организирани повеќе групи, не само за Нова година, туку и во другите месеци, истакна Груби.