Македонија
27. јуни 2016 - 17:16

Поддршка за младите автори во дигиталната издавачка индустрија

Во соработка и со финансиска поддршка на „Меѓународниот фонд за промоција на културата“ на УНЕСКО, Фондацијата Македоника го почнува проектот „Воведување на младите талентирани автори во дигиталната издавачка индустрија“.

Во проектот имаат можност да учествуваат сите автори од Репубика Македонија, регионот и дијаспората, на возраст од 18 до 30 години. Во период од 12 месеци, се очекува многу млади и непознати автори првпат да ги објават своите дела.

Од сите пристигнати текстови, издавачката комисија на проектот ќе избере 40 дела од автори од сите етнички заедници што ќе бидат наградени со авторски хонорар и ќе бидат објавени во бесплатната дигитална библиотека на Македоника. Делата ќе бидат објавени двојазично, на мајчиниот јазик на авторите и на македонски јазик.

Во рамки на дигиталната библиотека ќе биде организиран и социјален форум каде читателите ќе ги коментираат и оценуваат објавените текстови, а најдоброто дело на проектот ќе добие специјална награда.

Сите заинтересирани автори можат да добијат повеќе информации во просториите на Фондација Македоника или на телефон 02.615.2000.

Бесплатната дигитална библиотека на Фондација Македоника (www.makedonika.mk) е единствена во Македонија, каде на повеќе од 40.000 редовни читатели им се достапни 720 дела од најголемиот број македонски автори и лектири за учениците од основно и средно образование.