„ОпенАИ“ откри разгранета мрежа за влијание што ги прикривала руските траги

Американската компанија „ОпенАИ“ (OpenAI) блокираше група акаунти на својата платформа за генеративна вештачка интелигенција „ЧетЏПТ“ (ChatGPT) со потекло од Русија, кои биле користени за поддршка на тајна онлајн кампања за ширење дезинформации.
Американскиот развивач го открил случајот по истрагата на објави на социјалните мрежи генерирани со помош на вештачка интелигенција, што ја довела компанијата до „многу поголема операција за влијание“, соопшти „ОпенАИ“ во соопштение на својот блог.
Кампањата била изградена околу веб-страница со копирани и погрешно припишани академски трудови, т.н. индекс на суверенитет кој ја прикажува Русија во поволно светло, како и организирани напори за прикривање на руското потекло на операторите со акаунтите, додаде компанијата.
„ОпенАИ“ не дозволува пристап до своите модели од Русија, но компанијата наведе дека корисниците употребувале ВПН-мрежи за прикривање на нивната точна локација.
Во февруари, „ОпенАИ“ исто така соопшти дека затворила акаунти на „ЧетЏПТ“ поврзани со „Рибар“ – проруска медиумска компанија која британската Влада ја опишува како делумно координирана од руската претседателска администрација, финансирана од државната корпорација „Ростех“ и во соработка со руските разузнавачки служби.
Операторите на акаунтите давале команди на руски јазик за генерирање коментари на социјалните мрежи, кои потоа биле објавувани на „Сабстек“ (Substack), „Телеграм“ (Telegram), „Икс“ (X), „Фејсбук“ (Facebook) и „Линкдин“ (LinkedIn), притоа наложувајќи му на „ЧетЏПТ“ да ги отстрани сите јазични траги што би укажале на нивното руско потекло.
Голем дел од генерираната содржина промовирал организација наречена „Меѓународен институт Бурк“ (International Burke Institute – IBI). На веб-страницата на оваа организација биле објавувани текстови преземени од вистински академски трудови, понекогаш со лажно наведени извори.
Според „ОпенАИ“, оваа операција за влијание создала и сопствен „индекс на суверенитет“, кој ја величи Русија, а ги оцрнува западните земји.
Иако непосредното влијание на операцијата изгледа ограничено, нејзиното значење не е толку во публиката до која стигнала, колку во инфраструктурата што успеала да ја изгради, наведоа од компанијата. Објавите создадени со „ЧетЏПТ“ упатувале кон институција која на прв поглед изгледала веродостојно, со наводни експерти, преобјавени академски трудови и сопствен индекс на ризик.
Ова покажува како лицата што вршат влијание можат да ја користат вештачката интелигенција како помошна алатка во рамките на пошироки напори за создавање авторитет, прикривање на изворот на посакуваните наративи и градење ресурси што со текот на времето можат дополнително да се прошират, објасни компанијата.
МИА
Ново на Сител
-

АНБ со документарен филм за историјата, сегашноста и иднината на безбедносната Служба
-

Вучиќ соопшти дека ќе поднесе оставка на 25 или на 26 септември
-

Превозниците нема да протестираат в понеделник, ќе се бара решение со ЕУ
-

Приведен помошник директор во Царина за мито од 17.500 евра
-

Пријавени три жени кои си ги тепале мажите во Центар, Велес и Берово
-

Кумановец загина откако со автомобил излета од патот
-

Пукаа од мотор кон група луѓе: Двајца осомничени за убиството на 26-годишниот скопјанец на „Пластичарска“
-

Мицкоски: Ако опозицијата поднесе барање во Парламент за избори, ќе прифатиме и ќе ги победиме
