Бизнис
17. May 2016 - 15:25

Од ИПАРД 30 милиони денари за винарницата „Тиквеш“

Винарската визба „Тиквеш“ ја закоружи инвестицијата во најсовремена технологија за преработка, одлежување и полнење на виното, поддржана од ИПАРД. Вкупните вложувањата на „Тиквеш“ надминуваат 78 милиони денари, од кои преку европските фондови се обезбедени околу 30 милиони денари.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во винарската визба „Тиквеш“, ова е прва инвестиција на винарија со ИПАРД средства. 

- Ова е највисока индивидуална инвестиција исплатена во овој програмски период, се надевам дека во следниот програмски период кој треба да започне во есен ќе имаме и поголеми инвестиции. Се работи за модернизација на технолошкиот процес како и за опрема за мониторинг на квалитетот на виното. Исплатени се триесет милиони денари што претставува најголема инвестиција исплатена од ИПАРД програмата, изјави директорката на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Билјана Вуковиќ. 

Таа појасни дека е ова прва винарија која користи средства од оваа програма, а има и други кои се во фаза на договор и кои ги очекуваат средствата во наредниот период. Нагласи дека во вториот програмски период, генерално има поволности кои се наменети за сите корисници во однос на финансиските лимити, на капацитетите кои треба да ги имаат корисниците, како и во однос на она што го поседуваат како производствен капацитет. Лимитите, подвлече, се или комплетно тргнати или се зголемени.

Генералниот директор на „Тиквеш“ Игор Илиевски информира дека вкупниот износ на инвестицијата од 80 милиони денари вклучува опрема за одржување и за пакување вино и најсовремена лабораториска опрема, во износ од 60 милиони денари и градежен дел за прилагодување на самите градежни објекти во износ од 20 милиони денари. 

- Само со квалитет можеме да одиме напред во смисла на освојување на нови светски пазари, рече Илиевски. 

Тој нагласи дека со овој износ и нефицијално заокружување на оваа инвестиција, вкупниот износ на инвестиции во изминатите 14 години се заокружува на 40 милиони евра. Најави дека веќе се разговара како низ програмите кои следат, да се обезбеди кофинансирање за модернизација и на останатите процеси не само во винаријата, туку и средства во лозови насади и сите останати дејности.