Концерт на Феми Кути и проекција на „Исцелител“ во Градскиот парк

Македонската филхармонија, кино „Милениум“ и Град Скопје утре и задутре организираат два настана во Градскиот парк - утревечер од 22 часот ќе има „Кино на отворено“ со проекција на наградуваниот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, а задутре од 21 часот со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи џез-музичарот Феми Кути со неговиот бенд „Позитив форс“.
Нигерискиот музичар роден во Лондон, кој повеќе од 30 години е на музичката џез-сцена, пред 14 години гостуваше на Скопскиот џез-фестивал, а на овој концерт публиката ќе има можност да слушне музика во која се соединуваат афро-ритмите со џезот и класичната музика. Оркестрациите на неговата музика ги направи Џијан Емин.
- Првпат работам со симфониски оркестар и секогаш сум сонувал за ова. Започнавме со овој проект уште пред две години и ова е еден од моите најголеми проекти. Музиката е јазикот на универзумот и соработката со Џијан беше лесна. Мислам дека овој проект ќе успее на меѓународната сцена, луѓето ќе бидат шокирани, среќни, емотивни кога ќе ја слушнат музиката, рече Кути денеска на прес-конференција на која Филхармонијата и Град Скопје ја најавија дводневната манифестација.
Музичарот, кој е познат и како борец за човекови права, истакна дека концерт со симфониски оркестар, првпат во неговата кариера, е веројатно најголемата работа што ја прави во животот, благодарение на Џијан Емин кој, рече, ја познава неговата работа и согледал дека неговата музика може да звучи добро со симфониски оркестар.
- Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност, истакна Кути.
Џијан Емин додаде дека од сите можеби е тој самиот најмногу среќен за настанот. - Бев на концертот на Феми Кути пред 14 години во Скопје и за мене тоа беше неверојатно доживување. Драго ми е што оваа идеја стигна до реализација, истакна Емин.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов соопшти дека со концертот на Феми Кути официјално ја отвораат летната културна сезона во Скопје. Заедно со директорот на Филхармонијата Виктор Илиевски најавија уште еден ваков концерт на отворено - на 22 јуни изведба на нумерите на „Квин“ од орекстарот на Филхармонијата.
- Филхармонијата годинава ќе се претстави во поинакво светло, а го отвораме и летното кино во Скопје со филмот „Исцелител“ кој е добитник на врвни меѓународни награди. Град Скопје работи на враќање на вистинските вредности кога е културата во прашање, рече Шилегов.
Филмот „Исцелител“, кој од премиерата во ноември досега освои девет меѓународни награди, граѓаните утревечер ќе го гледаат бесплатно. Проекцијата ќе биде зад споменикот на Гоце Делчев, каде што МКЦ ќе постави перници за седење.
Настанот е поддржан од компанијата „Пакомак“. Нејзиниот извршен директор Филип Ивановски ја повика публиката што ќе дојде во Градскиот парк да биде совесна кон животната средина, по завршувањето на концертот да ги собере отпадоците и да ги селектира во кантите поставени од нивната компанија.
Ново на Сител
-

Тошковски: Одговорност ќе се побара од секој кој со извршување или неизвршување бил вклучен го загадувањето на водата во Гостивар
-

Иран: Секоја британска база што ќе ја користат САД ќе биде легитимна цел
-

Приведен возач-почетник, возел двојно над дозволената брзина на автопат со 211 км/чaс | ФОТО
-

Ангелов: Во Гостивар, вчера и денеска испорачани околу 200.000 литри пакувана вода
-

Герасимовски: Со личен пример да покажеме солидарност, прв ќе донирам, ги повикувам и советниците да ме следат
-

Тошковски: Во гостиварскиот водовод се врши плакнење и хиперхлорирање
-

Трамп: Иран ќе се соочи со голема воена казна поради нападите на Хутите во Црвеното Море
-

Еден осомничен за обид за тешка кражба во Скопје
