Иванов на самит на претседатели на „Процесот Брдо – Бриони“

Глобалните безбедносни предизвици, мирот и безбедноста во регионот и проширувањето на Европската унија и НАТО се дел од клучните теми на вонредниот самит на лидерите на „Процесот Брдо – Бриони“ што денеска се одржува во Загреб, а на кој учествува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Предвидено е претседателот Иванов да има обраќање на пленарниот состанок насловен: „Дијалогот ЈИЕ – ЕУ – САД“, да учествува на работниот ручек на земјите членки на „Процесот Брдо – Бриони“, како и да оствари повеќе средби со учесниците на самитот.
На самитот, покрај претседателот Иванов ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, потпретседателот на САД Џо Бајден, претседателот на Австрија Хајнц Фишер, претседателката на Хрватска Колинда Грабар – Китаровиќ, претседателите на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Република Косово Атифете Јахјага, како и тројцата претседавачи со Претседателството на Босна и Херцеговина Младен Иваниќ, Бакир Изетбеговиќ и Драган Човиќ.
Делегациите веќе пристигнаа во претседателската палата Пантофчак, а од утринава во Загреб е и американскиот потпретседател Бајден за чие доаѓање има засилени мерки во целиот град, а особено на рутата по која се движи, јави известувачот на МИА. Забранет е секаков вид на сообраќај по рутата, а граѓаните не смеат да бидат на прозорците или да ја фотографираат колоната. Слетувањето на аеродромот Плесо го спроведоа американски контролори на летање и помошен персонал. Видливо е засилено полициско присуство и на сообраќајниците кои водат до претседателката палата, како и околу палатата, а американски снајперисти се разместени на повеќе локации во Загреб.
Претседателот на Европскиот совет Туск во Загреб пристигна вчера и веќе имаше средби со хрватското раководство.
Предвидено е на крајот од самитот во Загреб на заедничка прес конференција да се обратат домаќините на собирот Колинда Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор, како и Џозеф Бајден и Доналд Туск.
Самитот во Загреб е досега четврти по ред, а втор годинава. Првиот самит на Процесот Брдо – Бриони се одржа во 2013 година.
Процесот Брдо - Бриони ги обединува челниците на државите од ЈИЕ, а беше инициран од Хрватска и Словенија во 2013 година со цел јакнење на соработката во регионот, негова стабилизација и поттикнување на политичкиот дијалог со ЕУ.
Ново на Сител
-

ОЈО бара притвор за осомничениот за убиството на 18-годишното момче од Бојане
-

Запален автобус на автопатот Гевгелија-Скопје
-

Николоски: Невозможни се барањата на „Рајан ер“
-

Министерката Јаневска на 24. Светски образовен форум во Лондон, ќе се обрати на панел дискусија посветена на креирање политики базирани на факти
-

Кина: Постигнат е напредок во трговските преговори со САД
-

Мицкоски за законот за игри на среќа: Се става ред и дисциплина во игрите на среќа
-

Претседателката Сиљановска-Давкова ја посети Македонската православна црква во Љубљана
-

Мицкоски: Пуштен е во употреба новиот градски пазар во Општина Виница
