Иран инсистира да има целосна контрола над Ормуска Теснина

Иран го одби вчерашниот предлог на Оман за заедничко регионално управување со Ормуска Теснина, изјави неименуван ирански извор.
Техеран за предлогот на Оман тврди дека нема шанси за успех.
– Заедничка контрола со Оман, по принципот 50-50 не е во интерес на Иран, иако Техеран смета дека Оман е скапоцен сосед, изјави ирански неименуван извор.
Оман вчера презентираше предлог за управување со Ормуска Теснина, според кој Иран би можел да собира доброволни такси за премин на бродовите, но нема да има ексклузивна контрола врз мореузот. Предлогот е по модел што функционира во Малајска Теснина, каде што Индонезија, Малезија и Сингапур бараат од бродовите да плаќаат доброволни такси за финансирање на навигацијата, заштитата на животната средина и операциите за пребарување и спасување.
САД и Саудиска Арабија се обидуваат да го убедат Оман да ги промени „нереалистичните планови“ за Ормуска Теснина, додека Иран инсистира да целата влезна рута во мореузот и дел од излезната рута да бидат под контрола на Техеран.
Корпусот на исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) денеска соопшти дека нападнал и запрел три нафтени танкери, кои ги игнорирале предупредувањата во Ормуската Теснина.
ИРГЦ наведе дека ќе продолжи да има „целосна контрола“ врз Ормуска Теснина и предупреди дека „незаконското американско воено мешање“ во регионот нема да остане без одговор.
Американската и саудиската армија синоќа нападнаа цели на ирачките милиции поддржани од Иран како одговор на нападите извршени од ирачка територија врз нафтените постројки на Саудиска Арабија и нападите врз американските трупи во регионот.
Претходно, саудиската противвоздушна одбрана соопшти дека пресретнала и уништила неколку беспилотни летала лансирани од „терористички групи поддржани од Иран“.
– Саудиска Арабија го задржува легитимното право да ја брани својата територија и националните интереси, како и правото да одговори во соодветно време и на соодветно место, објави на Икс портпаролот на саудиското Министерство за одбрана, Турки ал Малики.
Шиитската група Сили за народна мобилизација (ПМФ) посочи дека во синоќешните американско-саудиски напади загинале 20 нејзини борци, а 32 се повредени. Според ПМФ биле погодени нивните официјални седишта во околината на Багдад, во јужната покраина Басра и во покраината Ниневија, северен Ирак.
Иран заедничката американско-саудиска операција на ирачка територија ја оцени како „голема погрешна процена“.
Иранската армија денеска трет ден по ред изврши воздушни напади врз Јордан.
Иранската државна телевизија ИРИБ го пренесе соопштението на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) дека цел на нападите е американската воена база во Јордан поради „агресивните чекори на американската армија“.
ИРГЦ најави дека ќе продолжи со операциите сè додека Иран е под „незаконски и злонамерни активности на американските сили против иранските интереси“.
Ново на Сител
-

Европските пратеници денеска ќе расправаат за погребот на Ратко Младиќ во Србија
-

Американски судија ги блокираше ограничувањата на Трамп за времетраењето на визите за странски студенти и новинари
-

Мицкоски со владина делегација во САД: Планирани средби на високо ниво, со државници и финансиски институции
-

Генерал Лафчиски на 29. Конференција на началниците на Генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба
-

Бил Гејтс: Поради отпорот кон вакцинацијата, искоренувањето на сипаниците повеќе не е остварлива цел
-

Пентагон за првпат призна недостиг од муниција во војната против Иран
-

Лагард: Европа мора да развие сопствена вештачка интелигенција или ризикува да биде отсечена од САД или Кина
-

САД потврдија дека располагаат со оружени системи во орбитата
