Доминација на КБК Шампион Скопје - сила во сите генерации

Апсолутен победник на Националното кикбокс првенството кое се одрќа вчера 1.3.2026 во СЦ Јане Сандански во Скопје е КБК Шампион од Скопје, кој со 31 златен, 8 сребрени и 6 бронзени медали убедливо го освои првото место и заслужено го подигна златниот пехар.
Она што ја прави оваа победа уште повредна е фактот што клубот настапи со вистинска плејада борци од сите возрасни категории – деца, кадети, јуниори и сениори. Вкупно 43 натпреварувачи го претставуваа клубот, реализирајќи 54 натпреварувачки влезови, од кои 40 беа во машка и 14 во женска конкуренција.
Овие бројки не само што ја потврдуваат масовноста на клубот, туку и неговата стратешка и системска работа со млади категории, како и силното присуство во сениорска конкуренција. Доминацијата беше резултат на континуирана работа, стручен тренерски тим и јасна визија за развој на шампиони во континуитет.
Тренерот на клубот, Дејан Митровски – Урко, изрази огромно задоволство од настапот на своите натпреварувачи. Тој потенцираше дека е особено горд на дисциплината, посветеноста и шампионскиот дух што го покажале сите генерации, нагласувајќи дека успехот е резултат на макотрпна работа и заедничка верба во целта.
„Среќен сум што токму нашиот клуб го носи приматот од ова првенство на највисоко национално ниво. Ова не е случајност, туку потврда дека континуитетот, системската работа и вложувањето во младите категории даваат резултати. Успехот се повторува години наназад и тоа е доказ дека градиме шампиони со стабилни темели“, истакна Митровски.
Со ваков старт на сезоната, КБК Шампион испраќа силна порака дека останува водечка сила во македонскиот кикбокс и сериозен кандидат за врвни резултати и на меѓународната сцена во 2026 година.
Ново на Сител
-

Голем ризик за пожари на отворен простор и шумски пожари
-

Втор ден гори депонијата во Крива Паланка
-

Жештините ја зголемија потрошувачката на струја
-

Му го пресекол патот па избегал, ОЈО бара мерки на претпазливост за сообраќајката во Радишани
-

Зголемен број на повредени во сообраќајќи и скршеници поради колабирања бележат во Ургентен на Клинички
-

Подобрена е состојбата на повредениот пациент во Турција кој вчера беше транспортиран на Клинички
-

СДСМ бара одговорност за случајот во Ново Село, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека „младите“ се насилници
-

„Силно светнал ден“ за 35 години независност
