Димитров во Прага: Силна поддршка за земјава за старт на пристапни преговори со ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска за време на посетата на Прага имаше средби со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент, Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинкова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбите била изразена силна поддршка за Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ.

Димитров претходно се сретна и со неговиот чешки колега Томаш Петричек, со кого разговараше за очекувањата и перспективите на земјава и за активностите за поддршка од чешка страна во контекст на евроинтегративниот процес
– Чешка е дел од нашето ЕУ патување, помагајќи ни да стигнеме заедно до целта што побрзо. И денес во инспиративната Прага добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото. Очекувам тој ветер да не’ донесе до целта: отворање на пристапни преговори без одлагање, рече Димитров, соопшти МНР.

На средбата станало збор и за клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно понатамошно интензивирање.
Министерот Петричек, се наведува, ја потврди цврстата и континуирана поддршка на Чешка кон евроинтегративните процеси на Македонија. Го нотираше забележителниот прогрес во спроведување на неопходните реформи во земјата, значителниот политички влог и потпишаните договори со Грција и Бугарија, и воедно го потврди својот став дека Македонија заслужува да го започне процесот на преговори.

Димитров вечерва ќе учествува на панел дискусија во Институтот за Европска политика – ЕУРОПЕУМ, а утре на вториот ден од посетата на Чешка ќе учествува на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, што се организира во рамки на чешкото претседавање со Вишеградската група.
Ново на Сител
-

Успешен ден за македонските кикбоксери: Три обезбедени бронзи и победа на Глигорова
-

ЈО: Истрага за нападот на Огненовиќ
-

Повеќе случаи на партнерско насилство низ земјава, приведени неколку лица
-

На Инфективната клиника има 12 пациенти со западнонилска треска од кои три се на интензивна нега
-

Мајка од Скопје пријавила профил на кој биле објавувани недолични содржини од нејзината ќерка
-

Кривична пријава за 15-годишник кој ја нападнал својата баба
-

Во кругот на фабриката Железара избувнал пожар - нема повредени
-

Две малолетнички тешко повредени откако паднале од електричен тротинет
