Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев, стои во честитката од претседателката што МИА ја објавува интегрално.
Во продолжение ги доставуваме упатените честитки.
Почитуван г.г. Стефан,
Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, Ви го честитам најголемиот и најсветол христијански празник, Воскресението Христово – Велигден.
Во овие возвишени и благодатни денови, кога се открива тајната на животот како победа над смртта, а светлината торжествува над темнината, од срце Ви посакувам во Вашите домови да се вселат мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух.
Воскресението Христово е темел на христијанската вера, вечен извор на надеж и суштина на човековото постоење. Во него е содржана најдлабоката вистина за преобразбата дека преку жртвата, смирението и љубовта, човекот се издигнува и се приближува кон божественото.
Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит.
Да ги отвориме срцата за ближните, да ја засилиме грижата за ранливите и да го разбудиме духот на соборност и заедништво.
Нека светлината на Христовото воскресение ни подари сила, мудрост и непоколеблива вера во доброто, како вечен принцип на човечката егзистенција.
Христос воскресе! Навистина воскресе!
Гордана Сиљановска-Давкова
Почитуван г. Емил Заев,
Дозволете ми, Вам и на сите припадници на Евангелско-методистичката црква, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден.
Во овие светли и благословени денови, кога се радуваме на победата на животот над смртта и на надежта над стравот, Ви посакувам мир, здравје, љубов и семејна топлина во Вашите домови.
Велигден е симбол на нов почеток и духовна обнова. Празникот нè потсетува дека и во најтешките моменти постои излез, дека по секоја темнина доаѓа светлина и дека добрината и човечноста секогаш победуваат. Овој празник нè повикува да бидеме подобри, да се разбираме меѓусебно, да си помагаме и да се почитуваме.
Во време на тешки предизвици, мора да останеме сплотени околу вистинските вредности: мирот, солидарноста и хуманоста.
Да ги отвориме срцата за ближните, да им даруваме радост на тажните, да шириме позитивна мисла и енергија.
Нека Велигден го разбуди божественото во секој од нас!
Христос воскресе! Навистина воскресе!
Гордана Сиљановска-Давкова
Ново на Сител
-

Пролетни средби со ММФ
-

Јаневска: Преземаме мерки за да ги задржиме младите, иселеници веќе се враќаат во Македонија
-

Викендов променливо облачно со сончеви периоди
-

Мицкоски за писмата на Филипче до ЕУ: Секој има право да си праќа писма, но моите чувства за прогон се се посилни
-

Трамп ја предлага Ерика Шварц за директор на националниот Центар за контрола и превенција на болести
-

Мицкоски: Состојбата со нафтата и нафтените деривати е добра, имаме најевтини горива во регинот
-

КЛ: Рајо Ваљекано, Кристал Палас, Стразбур и Шахтјор полуфиналисти
-

Барселона вложи нова жалба до УЕФА
