Македонија
16. December 2024 - 17:10

ЗНАМ ја промовираше платформата за национално обединување, бара поддршка од сите партии

Преку девет точки содржани во Национална платформа за македонско единство и дефинирање на црвените линии партијата ЗНАМ бара партиите да изградат државен консензус за интеграциите. Платформата е предизборно ветување и ќе гарантира достоинствен пат на Македонија до полноправното членство во ЕУ.

Премиерот се уште не ја видел соодржината на платформата, но ја поздравувал иницијативата за национален консензус.

Албанскиот партнер во владата ќе чека прво да го види текстот на платформата, но велат дека секоја национална платформа мора да биде без фаворизирање на еден етникум.

Албанците и сите други заслужуваат еднаков третман, а не политички игри за поделби. Само инклузивна платформа може да донесе вистински решенија за земјата, а не пропаганда за тесни политички интереси!

Опозициската СДСМ нема да даде поддршка на Димитриевски, македонските борби од минатото исто како и темелите на Илинден и АСНОМ се различни од постапувањето на првите луѓе на ЗНАМ, велат од Бихаќка.

-Нема ништо свето, ниту патриотско кај човек кој од лукративни причини продал свои сопартијци и кога од истите лукративни интереси ги погази сите социјалдемократски вредности за да му слугува на Мицкоски. Очигледно некој има грижа на совеста и затоа мора да се повикува на нешто друго. Тоа е прочитана книга.

Левица нема да даде поддршка за ЗНАМ додека пратениците не ја прифатат нивната, Македонска платформа поднесена уште во мај месец.

Без коментар засега се интегративците на Ахмети и Европскиот фронт.