Македонија
11. January 2021 - 16:51

Жителите на улицата ,,Христо Татарчев‘‘ во Кисела Вода празниците ги поминале во чистење фекалии

Не запираат проблемите за жителите од улица Христо Татарчев во скопска Кисела Вода. Откако протестираа за да ја запрат изградбата на нова зграда во дворот пред нивната, сега Божиќната ноќ ја минале чистејќи фекалии од поплавените домови. Оштетена е дел од покуќнината на станарите од најдолниот спрат.

“Сега за Божиќ, точно на 7-ми, изби вода од три шахти. Бевме поплавени”, вели Слаѓана Бојановска, чиј стан беше еден од поплавените.

“Доколку не се направат потребните работи, кои што Водовод и канализациија ги насочува да се направат, да се промени целата инфраструктура во овој дел, ние ќе бидеме приморани или да употребуваме подвижни тоалети или да копаме септички јами во нашите дворови за да можеме нормално да опстојуваме како граѓани”, вели Надица Перовска.

Градоначалникот на Кисела Вода бил запознаен со проблемите на граѓаните. Вели дека општината започнала со инвестиции во атмосферска канализација, а паралелно ќе работат и на промена на водоводната мрежа.

Не е прв пат жителите од ова маало да се поплават. Тие со години се соочуваат со тој проблем. Стравуваат дека доколку се изгради планираната нова зграда пред нивната, тоа дополнително ќе ја влоши состојбата и при најмали врнежи. Според планот, новата зграда ќе го блокира и пристапот до постоечките.

“Ако немаше пристап, ако е затворена таа улица, дојде огромна цистерна и ќе немаше како да се санира”, вели Слаѓана Бојановска.

“Прво одводот, инфраструктурата, а башка и животната средина. Извинете, но тука толкави згради на мало растојание јас не знам како ќе се живее”, вели Борко Илиевски.

Минатата недела градоначалникот Темелковски интервенирал и привремено ја прекинал работата на инвеститорот додека се најде соодветно решение, што нема да биде на ничија штета.