Македонија
21. August 2021 - 17:01

Жителите на прилепското село Рилево пешачат по 5км за вода

80 годишниот Благоја Нешкоски од селото Рилево во Општина Долнени секој втор ден веќе 5 години по ред со своето магаре оди и по 2 км. надвор од селото за донесе техничка вода за полевање на бавчата и за одржување хигиенски потреби. Сите бунари во селото во последниве неколку години пресушиле, исто и неговиот иако е длабок 13 метри.

„Уште еден бунар има таму, но додека да извадам со кофата вода и да ги наполнам бурињата ми требаат 2 часа, не можам вака повеќе“, вели Нешкоски, жител на село Рилево.

Нешкоски по 20-минути стигна до бунарот. Но вели дека неможе повеќе да издржи вака, затоа што и оваа вода не може да се пие.

„Не можам да одам повеќе ми се тресат нозете. Ако можи да се помогни некако да дојдеме до вода дури сум жив арно, ако не што сака нека бидии, не можам повеќе вака“ рече Нешкоски.

И неговата сопруга вели дека доколку не се промени ситуацијата живот во Рилево тешко дека ќе има.

„Водa нема ниту за миење, ниту за пиење, апсолутно за ништо. Ќе си дојдам од тутун нема вода се напијам. Мизерија е ова и тоа вака со години и години, триста болести добивме и ништо“, вели Трајанка Нешкоска, жител на село Рилево.

Селото Рилево има 50-тина постојани жители, а во лето и викенди кога се враќаат иселениците бројот се движи и до 100. Водовод немале никогаш, вода за пијање ваделе од бунарите, кои сега пресушиле, но и тие биле бактериолошки неисправни и често добивале стомачни заболувања. Сега вода за пијање полнат во шишиња во соседното село Ропотово. 

„Ние можеме да дојдеме тука на два дена, а овие постарите како ќе дојдат. Некогаш ние им носиме, некогаш тие доѓаат тука со магариња“, вели Данчо Атанасоски, жител на село Рилево.

Поради климатските промени за прв пат освен селските бунари пресуши и главната чешма која тие ја користеле како место од каде добитокот пијал вода. Вода нема ниту сред село кај главното поило.

„Два дена стокава се нема вода напиено, сега што ќе правиме, каде оваа стока ќе пие“, додаде Атанасоски.

Од пред 4 години до селото има доведено водовод, приклучен на регионалчниот водовод Студенчица, но вода до чешмите засега нема.

„Зошто не е пуштена водата одговор бараме во Општината, од таму ни велат дека ќе биде во понеделник, ама не кажуваат кој понеделник“, истакна Благоја Димески, жител на с. Рилево.

Од Општината велат дека екипи веќе работеле на терен за да видат зошто низ цевководот не може да протечи вода. Жителите пак очајно молат за помош. Велат срамота е во 21 век луѓето и стоката да умираат за вода.