Македонија
31. March 2020 - 17:18

Жена и дете сместени во државен карантин без греење и топла вода, по реакцијата на институциите ја поправија грешката

Без греење и без топла вода на минусни температури. Вака една жителка од Радовиш со своето 5-годишно детенце ја поминале првата ноќ во карантин на Попова Шапка, откако претходно за да се вратат во својата татковина поминале повеќе од 13 часа по аеродроми и автобуси.

Од Елем Турс, фирмата којашто стопанисува со хотелот каде биле сместени овие граѓани, потврдија дека во одредени соби имало проблем.

Откако граѓаните реагираа и преку медиумите, тие што немале греење, според Елем Турс, биле префрлени во други соби.

Во врска со повеќебројните поплаки за државните карантини, техничкиот премиер смета дека се обезбедени основните услови за престој, па очекува коректен однос од граѓаните во услови на вонредна состојба.

„Мислам дека апсолутно во овие моменти не треба и не е дозволено да шириме дезинформации. Не вие, како медиуми, туку луѓето кои се јавуваат. Имаше неколку случаи кои се обратија директно и до мене. Значи, тоа што е основниот пакет во сместувањето во државниот карантин: сместувањето, три оброка, вода, го имаат сите кои се наоѓаат во државните карантини.
И ние направивме се и ќе правиме и понатаму се за сите наши граѓани. Меѓутоа најмалку што треба да направат тие е да бидат коректни и да бидат на нивото на одговорноста во оваа ситуација“, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Инаку, од синоќа вкупно 154 лица се сместени во хотелите на Попова Шапка, кои што се во сопствен ост на АД ЕСМ. Станува збор за Македонци дојдени со летови од Виена и Базел. Тие таму ќе треба да поминат 14 дневен карантин.