Македонија
2. April 2020 - 17:34

Желбите на децата со аутизам се детски: здравје, радост и смеа за сите

Искрен и отворен пристап е она што ги карактеризира дечињата, сите, без исклучок, а желбите на лицата со аутизам, чиј ден се одбележува денеска, 2 Април, се исти, детски, да има здравје, смеа и радост за сите, порачува Марина Ристовска, мајка на дванаесетгодишниот Милан Ристовски од Крива Паланка.

Марина Ристовска е мајка на дете со аутизам, Милан, кое посетува редовна настава во ООУ „Јоким Крчовски“, каде таа воедно работи и како одделенски наставник. Милан, вели, работи по индивидуална образовна програма, ИОП, која таа му ја пренесува, го едуцира и сега, дома, во изолација, во која сите сме принудени да живееме.

-Милан е темпераментен и интелигентен, од самиот почеток на воспитно образовниот процес е во редовната настава, до петто одделение одеше на училиште во придружба од дефектолог, а сега со моја поддршка. Како и да е, тој многу го сака училиштето, а сега кога се дома е разочаран што не може да оди и да ги види другарчињата и наставниците, раскажува Марина.

Сепак, со учењето од далечина и со интернетот, Милан е во контакт со другарите и соученичките, па денес, тие заедно со класната му приредија изненадување и му подготвиле презентација,на што тој многу се израдувал.

– И минатата година и денес заедно со другарчињата го одбележавме овој датум, зашто тие многу го засакаа и многу го почитуваат. Инаку, секојдневно, сега откако не е на училиште, работиме по индивидуална образовна програма, цртаме, учиме, креираме, пееме. Секојдневно ја подготвува и училишната чанта со надеж дека утре ќе се врати во училишните клупи, додаде Ристовска.

Марина упати порака до сите по повод денот на лицата со аутизам.

-Децата со аутизам се различни, а исти, доколку ги запознаете, можете само да ја почувствувате нивната позитивна енергија и различниот поглед на светот, кој е поинаков, но истовремено ист, како кај секој човек на планетата земја, додаде Марина.