Бизнис
15. February 2017 - 17:41

Зголемени продажните цени на производителите на индустриски производи

Продажните цени на производителите на индустриски производи на странските пазари во декември 2016 биле повисоки за 3,1 отсто на месечно ниво, а за 4,7 проценти на годишно ниво, соопшти Државниот завод за статистика.

Во декември 2016 во споредба со ноември 2016, продажните цени на производителите на индустриски производи на странски пазари се повисоки во секторот Рударство и вадење на камен за 10,5 отсто, а во секторот Преработувачка индустрија за 2,3 проценти.

Во декември 2016, во споредба со декември 2015, продажните цени се повисоки во секторот Рударство и вадење на камен за 10,2 отсто, а во секторот Преработувачка индустрија за 4,1 процент.

Во декември 2016, цените, вкупно, се повисоки за 1,4 отсто на месечно ниво, а за 1,8 на годишно ниво. Во декември 2016 во споредба со ноември 2016, продажните цени на производителите на индустриски производи се повисоки во секторот Рударство и вадење камен за 6,6 отсто и во секторот Преработувачка индустрија за 1,1 процент, а се пониски во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0,2 отсто.

Во декември 2016 во споредба со декември 2015, продажните цени вкупно, се повисоки во секторот Рударство и вадење на камен за 9,9 отсто, во секторот Преработувачка индустрија за 1,3 и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0,4 проценти.