Земјоделците од струмичко добија нов систем за наводнување
Земјоделците од населените места Куклиш, Свидовица и Градско Балдовци во општина Струмица денеска добија нов систем за наводнување, проект финансиран со владини средства во износ од 52 милиони денари со кој ќе им се олесни работата и ќе се зголемат приносите од градинарските култури.
Системот го предаде во употреба премиерот Никола Груевски, кој истакна дека Владата продолжува со инвестициите во македонското земјоделство и во наредниот период, за што, од политичките опоненти, како што рече, честопати се нарекуваат земјоделска влада.
- Таквата карактеристика воопшто не ни пречи, туку сосема напротив. Ние сме горди што токму земјоделството е еден од нашите најголеми приоритети. За разлика од некои други земји во светот, Република Македонија нема излез на море, нема наоѓалишта на нафта, нема извори на гас. Нашето богатство се македонските полиња и планини и македонските земјоделски производи. Токму затоа ние сме решени долгорочно и систематски да инвестираме во развој и унапредување на нашето земјоделство, рече премиерот Груевски.
Тој истакна дека покрај субвенциите за земјоделството, помошта за набавка на земјоделска механизација и за сертифицирани семиња, еден од најголемите приоритети на Владата во наредниот период ќе бидат инвестициите во системите за наводнување на земјоделските површини.
- На ова поле како Влада сме решени во наредните години да инвестираме 200 милиони евра за рехабилитација, реконструкција и изградба на системи за наводнување. Со овој проект ќе бидат опфатени околу 85.000 хектари земјоделски површини на кои треба да се постават системи за наводнување, а исто толку и за одводнување. Како дел од стратегијата беа консултирани голем број професори, експерти, земјоделски компании и земјоделци и нивен заеднички став е дека системите за наводнување, изградбата на акумулации за вода и правилен начин на користење на водата во голема мера ќе го подобри приносот и квалитетот на земјоделските производи. Токму затоа ние како Влада во наредниот период ќе бидеме посебно фокусирани на ова прашање, нагласи Груевски.
Пред присутните, меѓу кои и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и неколку пратеници, се обрати и министерот за земјоделство Михаил Цветков кој меѓу другото истакна дека во насока на унапредување и модернизација на земјоделството, Владата и Министерството работат на воспоставување стабилна централизирана структура за управување со водите за наводнување. Во тој контекст, додаде, формирано е ново АД „Водостопанство“ кое согласно Законот ќе отпочне со работа на почетокот на октомври.
- Ги повикувам сите заедно како Влада, Министерство, земјоделски стопанства и откупно-дистрибутивни центри да ги искористиме сите поволности кои ги нуди оваа Влада за подигнување на земјоделското производство како би можеле да опстоиме на европските и светските пазари на земјоделски производи, рече Цветков.
Директорот на компанијата „Веге фреш“ Драги Памуков за значењето на системот за наводнување истакна дека ако досега едно земјоделско семејство трошело по 200 илјади евра годишно, сега со пуштањето во употреба на новиот систем десеткратно ќе се намалат нивните трошоци.
Системот за наводнување наречен „Маркова река“ претставува модерен систем со подземна мрежа од цевководи и објекти кој обезбедува вода за наводнување за земјоделското земјиште во атарот на селата Куклиш, Свидовица и Градско Балдовци.
Премиерот Груевски во рамки на денешната посета на струмичкиот регион ќе посети повеќе населени места во општините Василево, Босилово и Ново Село.
Ново на Сител
-
„Фолксваген“ повлече над 114.000 возила во САД
-
Силен земјотрес регистриран во Чиле
-
Министерство за енергетика: Распределбата на ваучери се одвива според предвидената динамика
-
Американците гуглаат како да заминат од земјата по победата на Трамп
-
Исчезната жена во Скопје, семејството моли за помош
-
Австрија ја прогласи целата земја за ризична област поради појава на птичји грип
-
Ѓердан што сведочи за пропаста на Марија Антоанета оди на надддавање
-
Реформската агенда на владата пред пратениците