Loading Video...
Спорт плус
12. May 2020 - 16:03

Зелено светло за враќање на спортот во државата - Ќе се започе со индивидуалните спортови

Полека но сигурно спортистите во нашата земја ќе се враќа спортските терени. 
 
Убавата вест за македонските спортисти денеска ја соопшти Министерот за здравство Венко Филипче кој најави постепено враќање на спортот во условно речено нормални рамки, односно со задолжително придржување на препорачаните владини мерки. 
 
Министерот Филипче најави дека од оваа седмица до владата ќе биде испратена препорака да бидат олабавени мерките, а најнапред ќе биде дозволено враќање во индивидуалните спортови, како тенисот и други. 
 
Веќе за следната седмица се предвидува и зелено светло да добијат и  колективните спортови и тоа за тренинзи на отворено. Според планот за три седмици доколку условите го дозволат тоа, ќе бидат дозволени и колективните тренинзи во сала, како и отворање на фитнес центри, базени и друго. 
 
Ова се добри вести за огромниот број на професионални спортисти во државата, како и оние кои рекреативно го применуваат спортот, кој секако е и најдобрата превентива во градењето на колективното здравје во државата. 
 
Ваквата информација секако ќе ги израдува и раководствата на спортските федерации. Засега освен ракометот за кој федерацијата веќе донесе одлука сезоната за биде целосно прекината, останатите како одбојката, кошарката и пред се фудбалот засега се во мирување. 
 
Затоа во периодот што претстои, сигурно дека раководствата на федерациите во споменатите спортови ќе кројат планови како прекинатите првенства да бидат заокружени, што впрочем е и најспортската заложба на сите спортисти.