Македонија
8. April 2024 - 16:43

Здравствените работници протестираа пред министерството за поголеми плати

Поголеми плати за 15 проценти со потпишување на анексот на колективниот договор веднаш по формирањето на нова Влада побараа здравствените работници на денешниот масовен протест пред министерството. Тие се револтирани што со мартовската плата нема да имаат повеќе пари на сметките бидејќи не се потпиша договорот пред да се распишат изборите. Двата најголеми синдикати самостојниот за здравство при ССМ и синдикатот на клинички ги повикаа политичките партии во нивните програми здравството да им биде во фокус и побараа ветувањата да ги стават на хартија за да ги исполнат.

- Здравствените работници бараат политички партии кои претендираат да ја освојат власта, да најдат начин да седнат на преговарачка маса со Синдикатот и се она што го планираат во своите предизборни програми и што го ветуваат на митинзите, да се стави на хартија и да биде реализирано, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на самостојниот синдикат за здравство при ССМ.

Од Синдикатот на Клинички посочија дека е неопходно спојување на сите клиники во една целина и најитно да се реши проблемот со паркингот, договорците да добијат решенија, а приватните специјализанти да се вработат во јавното здравство за да има кој да го лекува народот. Парите и лошите услови според нив се главните причини за егзодусот на медицинските лица во странство или во приватните болници.

- Така што, мислам дека е крајно време, ова е последен апел да имаат чувство, сенс за здравството. Прво и основно е покачување на платите зашто се што нудат друго – градење болници, опрема се е тоа во ред, меѓутоа кој ќе работи во тие болници и кој ќе биде со таа опрема, изјави д-р Предраг Серафимовски, претседател на синдикатот на Клинички.

Поголеми плати и вработување на  стручен и образован кадар, а не партиски и по национална припадност побараа и медицинските сестри од клинички. Повикаа здравство и образование да се запрашаат  и да проверат како и каде се едуцирани новопримените сестри.0

- Во овие здравствени институции влегува несоодветен, неспособен медицински кадар поминат независно низ некои филтри или ред други работи каде што и тие се вработуваат со решение за стално, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни од нив и тоа не води никаде, изјави Даница Стојкова, медицинска сестра на ГАК.

Доколку не добијат поголема плата во правите 100 дена од формирањето на нова Влада, синдикатите во здравството најавија помасовни и радикални протести.