Македонија
30. March 2017 - 8:51

Заврши снимањето на филмот „Награда“ во режија на Лидија Мојсовска

Заврши снимањето на краткометражниот игран филм „Награда“ дебитанско остварување на режисерката Лидија Мојсовска, во продукција на „Лавиринт продукција“ во соработка со Факултетот за драмски уметности. 

Снимањето се одвиваше од 16 до 19 март на локации во скопските населби Драчево, Ченто и во Керамидница. 

Приказната во филмот „Награда“ е инспирирана од вистински настан, кој се случил за време на верскиот празник Водици. Младиот Арбен во филмот скока по крстот со намера да ја добие паричната награда, бидејќи парите му се потребни за лекувањето на неговото помало братче.

- Филмската приказна во прв план ја истакнува хуманоста и чистата и искрена мисла на децата спроти светот на поделби во кој живеат возрасните, посочуваат од продуцентската куќа.

Актерската екипа во филмот ја сочинуваат професионални актери и деца на возраст од 7 до 12 години. Ликот на Арбен го толкува Албан Лама, а во филмот настапуваат и актерите Аурита Агуши, Ердоан Максут и Викторија Анѓушева.

Бранко Аврамовски е директор на фотографија, Киријана А. Николоска е кастинг-директор и Acting Coach, а Анастасија Величковска и Бобан Петрушевски се авторија на сценографијата. Дел од филсмакат екипа се и Жаклина Крстевска задолжена за костимографијата, Братислав Зафировски во својство на мајстор на тон, а монтажата на филмот му е доверена на Михаил Димитров.

Продуцент на филмот е Петар Џуровски. Извршен продуцент е Ирина Лазарова.

Краткометражниот игран филм „Награда“ на Лидија Мојсовска е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.