Македонија
9. March 2024 - 17:07

Заврши рокот за собирање потписи - како ќе изгледа гласачкото ливче на 24 април?

Седум од 15 кандидати успееа да обезбедат влез во претседателската трка преку граѓански потписи. 

На гласачкото ливче на 24 април ќе се најдат Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ, професорката Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ, професорката Ванковска како кандидат на Левица, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари со поддршка од здружената албанска опозиција и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Партиите имаат рок уште 10 дена кандидадските листи да ги предадат до ДИК, по што комисијата ќе проверува дали сите пријавени ги исполнуваат законските и уставни услови за кандидатура. 

Иако сите во трка влегоа убедени дека ќе ја добијат поддршката, за осум кандидати Вила Водно останува само желба. Меѓу нив Мерсиха Смаиловиќ како кандидат на Бошњачкиот демократски сојуз со 3246 потписи беше најблиску до целта. Денеска вели дека изминатите две недели уште еднаш докажаа дека македонскиот систем не е подготвен да ги поддржи помалите политички партии.

Ѓорѓи Манасков зад кого застанаа нешто помалку од 500 граѓани пак обвинува за низа нерегуларности, за кои вели дека со докази ги поднел и до Државата изборна комисија, но одговор не добил.

Надвор од трката остануваат докторот Вело Марковски со 1668 потписи, Зорица Цветковска од патијата Десна со 293 потписи, господин Поповски кој дури ветуваше и осмомартовски коктели доби поддршка од 147 граѓани. Без ниту еден потпис е Томе Николоски, Гоце Ристов и Драган Николовски кои иницијативи поднесоа во последните три дена засвршија со 6 и 8 потписи. Сите тројца до последниот ден останаа непознати за јавноста.