Македонија
3. September 2018 - 13:56

Заврши 16-та ликовна колонија „Карпино“

Заврши 16-тата Меѓународната ликовна колонија „Карпино“ на која учествуваа 14 уметници од Германија, Украина, Србија, Бугарија, БиХ и од Македонија, кои твореа една недела во кумановската населба „Карпош“. Присутните на затварањето имаа можност да ги разгледаат делата кои ги креираа уметниците, а се инспираа од посетите на културно-историските споменици и природни убавини на подрачјето на општините Куманово и Старо Нагоричане. Колонијата ја организира Мултимедијалното здружение „Карпино“.   Уметниците се инспирираа и од посетата на спомен обележјето Зебрњак, Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце и  црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане.

- Делата се работени во акрил и масло на платно. Уметниците создадоа триесетина дела, изјави, уметничкиот раководител на колонијата, Валентина Илијевска.

Ликовната колонија е посветена на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Сув Ора, позната под името Карпински манастир. На празникот посветен на Голема Богородица, уметниците ја посетија галеријата на икони во црквата „Свети Никола“ во Куманово каде што се наоѓа колекцијата од иконостасот и други експонати од самиот манастир.

Колонијата, оценуваат организаторите има  интерактивен карактер. Во рамки на колонијата  се одржаа поетски и драмски вечери посветени на еден од иницијаторите за основување на колонијата, Драгиша Димитриевски - Шипе со драмската претстава „Ајде уште по една за роденденот“,  според Харолд Пинтер, предводена од актерската млада екипа.

Годинава и учесничката Невена Стефановиќ од Ниш, која е дел од организацијата на нишкиот џез фестивал ликовна колонија во тој град ги презентирала колекцијата на мали дела изработени во штуко техника или т.н. зграфито техника, што е несекојдневие на таков егземплар.

Организаторите им врачија благодарници на учесниците, а претседателот на групата „Луцидо“, од Луковац, БиХ Бранислав Лукиќ додели диплома за активна соработка со колонијата и плакета на долгогодишниот соработник Роберт Цветковски, историчар на уметност и ликовен критичар од кумановскиот Центар за култура.

Пошироката јавност ќе има можност да ги разгледа делата од колонијата  на традиционална изложба по повод денот на ослободување на Куманово, а организаторите најавија дека и оваа година делата ќе бидат изложени во галерии и установи од културата во повеќе градови од државата.