Балкан
14. July 2020 - 8:21

Заразени од Ковид-19 десетмина пратеници во Собранието на Косово, се бара седниците да бидат онлајн

 Владејачкиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК на денешната седница на Собранието побара промена на собранискиот деловник, со цел да им се овозможи на пратеници одржување седници од дистанца, со оглед на порастот на бројот на заболени од Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од името на пратеничката група на ЛДК предлогот го изнесе пратеничката Беса Гаџери, нагласувајќи дека досега се потврдени десетмина членови на Собранието заразени од новиот коронавирус.

Таа изрзи уверување дека меѓу парламентарците има и повеќе други, покрај потврдените случаи, кои се заболени од Ковид-19.

– Бараме да се состанат претставниците на пратеничките групи и со еден едноставен текст да одлучат седниците да се одржуваат на дистанца во одреден временски период, рече Гаџери, барајќи таа одлука да се донесе уште на денешната седница.

Претседателката на Собранието, Вјоса Османи рече дека истото прашање го покренала уште од месец март, кога се појавија првите случаи на заразени, но дека за тоа е неопходно да се смени Деловникот, за што е потребен консензус од пратеничките групи.

Шефот на пратеничката група на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Реџеп Селими рече дека неговата партија не може да даде поддршка на барањето таа точка да се внесе на дневен ред за денешната седница.

– Ние со право имаме резерви во врска со мотивите за оваа иницијатива. Секако би сакале Собранието да биде функционално, но оваа иницијатива не смее да се искористи за злоупотреби. Како пратеничка група имаме потреба за повеќе консултации пред да дадеме мислење, рече Селими.

Дека е потребно да се најде решение за одржување на седниците онлајн во ситуација кога постојано се зголемува бројот на заразени од пандемијата, се изјаснија и владејачките Алијанса за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократска иницијатива (Нисма), како и опозициската Демократска партија на Косово (ПДК).

Собраниската спикерка Османи побара од пратеничките групи да настапат со своите предлози на наредната седница на Претседателството на Собранието, која е закажана за в среда, на 15 јули.