Македонија
20. December 2020 - 14:33

Запленети над 2.500 пиротехнички средства во Скопје

Со наближувањето на новогодишните и божиќните празници се наметнува потребата за  подигање на свеста кај граѓаните во врска со опасноста и можните последици кои што можат да настанат од неконтролирана употреба на пиротехничките средства, од нестручно и невнимателно ракување од страна на малолетни лица, од несоодветно транспортирање и чување, како и во поглед на санкционирање на недозволената трговија од страна на физички и правни лица со пиротехнички средства и други запаливи средства и распрскувачки материјали,  без поседување на одобрение за тргување, со кои се нарушува мирот и безбедноста на граѓаните и имотот.

Со цел спречување на оваа појава, на 19.12.2020 во периодот од 10:00 до 16:00 часот на подрачјето на СВР Скопје, од страна на Единиците за внатрешни работи во соработка и содејство со Државниот пазарен инспекторат се извршени контроли во поглед на трговија и употреба на пиротехнички средства.

Притоа, реализирани се контроли на 18 пазари, три паркови, шест трговски центри, 12 раскрсници и 13 маркети. Во текот на контролите на пазарот „Бит пазар“ се пронајдени и одземени вкупно: 2.532 парчиња петарди, четири парчиња огномет, две петарди-бомба, две парчиња Мр-30 панда, две парчиња тандер флеш и 16 парчиња ракети. 

По преземените дополнителни мерки и активности на наведените локации се констатирани вкупно 43 прекршоци од Законот за заштита на населението од заразни болести за носење на лична заштита на лицето, а од страна на Државниот пазарен инспекторат изречени се две мерки по чл.2 од Законот за трговија на подрачјето на Гази Баба. За време на преземањето на мерките и активностите, лишени се од слобода две лица, и тоа е Ќ.Ш.(30) по чл.15 од Законот за лична карта и А.А.(23) по распишана телеграма.