Македонија
30. јуни 2022 - 16:35

Запален автомобилот на директорот на прилепски „Комуналец“ – градоначалникот бара брза разрешница

Градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, денеска го повика министерот Оливер Спасовски, под итно да го сменел командирот на ПС Прилеп, Дарко Цуцулоски, поради, како што вели нарушената безбедносна сиитуација во градот подолг период наназад. Чашата за ова ја прелило вчерашното палење на автомобилот на директорот на прилепски Комуналец, Рубин Абрашоски, пред неговиот дом во раните утрински часови.

„Го повикувам јавно да проговори кои мерки ќе ги преземе и дали ќе го остави Прилеп да биде место каде царува криминалот и безредието?! Исто така апелирам да преземе соодветни мерки за заштита на Прилеп, и да престане да го става Прилеп на црната хроника со постапките и дејствијата кои се случуваат тука“, вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Директорот на ЈКП „Комуналец“ ова го нарече политичко-криминален чин, имал одредени индиции кои се можните сторителии, но во интерес на истрагата не сакаше јавно да коментира.

„Сакам да им порачам на сторителите на овој гнасен политичко-криминален чин дека не им се плашам, можат да продолжат со ваквите работи, меѓутоа јас ќе продолжам да работам како знам и умеам, чесно поштено и професионално“, рече Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Поради големиот број групни тепачки, грабежи и други криминални дејствија кои се случуваа во последниот период во Прилел пред две недели и прилепските Советници под ВМРО-ДПМНЕ побараа смена на командирот на ПС Прилеп.

Од СВР Битола велат дека градоначалникот на Прилеп ширел само дезинформации и безпотребна паника за безбедносната состојба во градот. Сите настани од изминатата недела биле експресно разрешени или се постапувало по истите. За запалениот автомобил се барал сторителот, лишен од слобода бил крадецот кој изврши дело на улица „Републиканска“ и парите биле вратени на оштетената, а соодветни пријави биле поднесени и против лицата кои имале физичка пресметка на истата улица.