Свет
10. January 2020 - 16:46

Западните лидери со став: Патничкиот авион по грешка урнат од иранските власти

„Њујорк тајмс“ објави снимка на која, како што се наведува, ракета го соборува украинскиот авион со 176 патници и членови на екипажот.

На видеото, чија автентичност ја потврдува „Њујорк тајмс“, се гледа како иранската ракета го погодува авионот во близина на аеродромот во Техеран, токму од местото каде што престанал да се емитува сигналот на авионот, пред тој да падне.

Според експертите, станува збор за ракета земја – воздух која се лансира од борбено возило и експлодира блиску до целта.

Видеото нуди нови околности за причините за падот на авионот кој се случи во средата, неколку часа по размената на непријателски акти меѓу Иран и САД.

Сомневања дека иранска ракета најверојатно по грешка го погодила украинскиот авион и претходно изразија западните лидери.

Иран денеска повторно ги отфрли овие тврдења.

Авиокомпаниите ги презедоа првите мерки за безбедност. Германската „Луфтханза“ и францускиот „Ер Франс“ први ги откажаа летовите на неопределено време над Иран и Ирак.

Иако ниту САД, ниту Иран засега не најавуваат продолжение на воените дејства, Претставничкиот дом на САД усвои резолуција со која се ограничува претседателот Трамп да почне војна против други држави, без одобрување од Конгресот. Но за да биде уважена, Резолуцијата треба да биде изгласана од Сенатот, каде што републиканците на Трамп го имаат мнозинството.