Македонија
7. April 2019 - 9:28

Заниер: Интегрирано образование е темел на заедничката иднина

Постои значителен напредок на меѓуетничките односи во земјата, но и поделби на општеството и сегрегација меѓу заедниците. Ова е причината зошто се потребни дополнителни напори во одредени области како што е интегрираното образование. Образованието е клучен камен-темелник за иднината на секое општество, рече во интервју за МИА Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, амбасадорот Ламберто Заниер, кој престојуваше во посета на Северна Македонија, а во фокусот на разговорите со претставниците на земјава беше значењето на интегрираното образование.

За Преспанскиот договор, тој рече дека е историско достигнување и една од ретките добри вести во таков поларизиран свет што придонесува за регионалната стабилност.

Амбасадорот Ламберто Заниер, кој е од Италија, го презеде мандатот на Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства во 2017 година. Пред да ја преземе функцијата Висок комесар, Заниер беше генерален секретар на ОБСЕ и има долго дипломатско работно искуство во регионот.

– Која е целта на вашата посета на земјата?

Мојата посета е насочена кон добивање нови согледувања, одржување на постоечките контакти со релевантни соговорници и застапување на напредокот по прашањата релевантни за мојот мандат, како што се образованието, употребата на јазиците, односите меѓу заедниците и севкупната интеграција на општеството. Мојата канцеларија, заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од поодамна е ангажирана на овие прашања во земјата, и за време на оваа посета ја понудив мојата поддршка за продолжување на овој ангажман и уште еднаш ја потврдив мојата посветеност.
– Република Северна Македонија е мултиетничка и мултиконфесионална земја. Има долгогодишни обиди за кохезија и соживот на различните заедници. Како ја оценувате ситуацијата сега во 2019 година, откако поминавме низ конфликтот во 2001 година и се соочивме со политичка криза во 2015 година?

Верувам дека целокупната ситуација, вклучувајќи ги и односите меѓу заедниците, има значителен напредок во текот на изминатите години. Гледам дека инвестициите за решавање на загриженоста на заедниците и зајакнување на кохезијата на општеството се во тек – рационализирање на институционалната поставеност што се занимава со меѓуетничките односи, новите закони и стратегии усвоени неодамна, што е уште еден доказ за заложбите на овој план. Сепак, постојат поделби во општеството и заедниците се оддалечени едни од други, и потребни се понатамошни напори во специфични области, особено во борбата против сегрегација во образованието. Јас внимателно ќе ги следам следните чекори во овие процеси и нивното вистинско влијание врз интеграцијата на општеството.

– Задачата на Високиот комесар за национални малцинства е да придонесе и да даде препораки за помирување меѓу различните етнички заедници. Каде ја гледате земјата во однос на меѓуетничката соработка во моментов?

Како и кај други средини кај кои се јавуваат предизвици во управувањето со различноста, мојата препорака е вниманието да се насочи на нештата кои може да ги доближат заедниците една до друга, почнувајќи од најмладите генерации. Јас би препорачал удвојување на напорите за спроведување на политиките во корист на сите заедници. Промовирањето на принципите како што се интегрираното образование и мултилингвализмот е основа за здраво, разновидно општество. Интеграцијата е двонасочна улица и зајакнувањето на правата на една заедница не треба да биде на штета на севкупната општествена кохезија. Свесен сум за усвојувањето на новата легислатива што ја регулира употребата на јазиците и препорачувам нејзината имплементација да биде повеќе прагматична отколку догматска. Важно е да се урамнотежи потребата од поттикнување на јазичната разновидност, вклучително и преку негувањето на мајчин јазик, со промовирање на употребата на споделени, заеднички јазици, овозможувајќи ефикасна комуникација меѓу различните групи во општеството. Иновативната едукација и јазичните политики треба ефективно да се споделат со пошироката јавност, преку активни и насочени кампањи. Пораката треба да биде дека дополнителните права за заедниците и јазичниот плурализам во образованието и во јавните служби не влијаат врз постојните права и претставуваат збогатување за сите.

– Владата ја усвои Стратегијата за интегрирано образование во 2010 година. Колку од таа Стратегија е имплементирана досега и каква беше улогата на ОБСЕ во овој процес. Можете ли да ни кажете кои се клучните успешни проекти, имајќи предвид дека образовниот систем сеуште е поделен на етничка основа?

Образованието е клучен столб за иднината на секое општество. Тоа е комплексно, бара детална и јасна стратешка насока, придружни наставни програми и учебници, и обучени и мотивирани наставници. Меѓутоа, честопати губи на приоритет, бидејќи тоа е систем кој работи рутински и политичките лидери не можат лесно да ги согледаат или застапуваат. Верувам дека пристапот кон образованието воопшто и кон сите образовни реформи треба да биде сеопфатен, а не поврзан со итни и неодложни приоритети. Тој треба да започне со визија за иднината на стратешко ниво, и потоа да се преточи во оперативни елементи на образовниот систем (наставни планови, учебници, обуки за наставници) преку релевантните актери во образовниот сектор. Пристапот не треба да биде сегментиран и да ги опфаќа поединечните приоритети, туку сеопфатен, со широк процес на консултации. Борбата против сегрегацијата во училиштата и напорите за интегрирано образование и мултикултурализам треба да бидат цел на целиот образовен систем во едно разновидно општество, а не само на една специјализирана стратегија. Напредокот во спроведувањето на стратегијата за интегрирано образование од 2010 година е бавен и често нерамномерен. Многу иницијативи се започнати и спроведени, но често се ограничени на воннаставни активности. Видов зголемен број на грантови обезбедени од страна на Министерството за образование и наука на училишта кои се вклучени во такви активности.

Исто така, истакнав дека неодамнешните истражувања забележаа позитивен став кон интегрираното образование меѓу учениците, наставниците и родителите. Исто така, во училишта во надлежност на град Скопје започна да функционира иницијатива за заеднички повеќејазични часови и се надевам дека овој пример ќе се повторува на други места. Сепак, бројот на училиштата каде што се одделени учениците, не се намали, а пречките за интеграција остануваат застрашувачки. Верувам дека напорите за интегрирано образование треба да одат заедно со зголемување на квалитетот.

– Како да се интегрираат учениците на сите нивоа на образование ако учат во училиштата кои се поделени во смени врз основа на етничка припаднос т. e. според нивниот мајчин јазик? И мислите ли дека овој интегриран модел на образование треба да се воведе во предучилишна возраст?

Доказите од целиот свет укажуваат на успехот на интегрираните образовни модели кои започнуваат од рана возраст. Запознавањето со непознатото ги отстранува чувствата на страв, отуѓеност и, конечно, поделбата на „нас“ и „нив“. Северна Македонија не е единствената земја која обезбедува образование на мајчин јазик, кои се сосема различни еден од друг, а од регионот на ОБСЕ произлегуваат примери за успехот на мултилингвалното и меѓукултурното образование. Да бидеме искрени, децата се како сунѓери и исклучително лесно примаат нови знаења и нови концепти, сѐ додека тие се обезбедуваат на конструктивен начин и преку соодветна методологија.

– Вашата посета на земјава е за време на политичката кампања за претстојните претседателски избори. Според вас, колку македонски политичари се уште играат на картата на национализам, етничка припадност и поделби, меѓу граѓаните, за нивните политички пресметки односно цели?

Моите соговорници известија за тивок почеток на кампањата. Како дел од семејството на ОБСЕ и заедничките напори, во земјата имаме набљудувачка мисија за избори од ОДИХР што ќе ги следи изборите и ќе го објави својот привремен извештај на денот по изборите, оценувајќи ги, меѓу другото, и прашањата поврзани со меѓуетничките односи. Јас би ве упатил на нивниот извештај кој ќе даде издржан преглед и оценка. Од гледна точка на мојот мандат важно е кандидатите да им се обраќаат на гласачите, без оглед на нивната етничка припадност и да бидат подготвени да бидат претседатели на сите граѓани.

– Дали мислите дека Белград и Приштина можат да дојдат до конечно решение за нивниот спор и дали Преспанскиот договор може да послужи како модел за решавање на други спорови во регионот? Според вас, дали новиот Балкан е ослободен од минатото и од воените сценарија?

Навистина се надевам дека повторно ќе се отворат каналите на дијалог помеѓу Белград и Приштина. Преспанскиот договор е историско достигнување, за што ги испратив моите искрени честитки до официјалните претставници во земјата. Владата покажа храброст и решителност. Договорот е една од ретките добри вести во поларизираниот свет и конфронтирачкото меѓународно опкружување и придонесува за регионалната стабилност.

Сепак, не постои универзално применливо решение, и договорите треба да бидат наменски направени. Само тогаш можеме да обезбедиме легитимитет и прифатеност од заедниците, и одржливост. Јас цврсто верувам дека е возможен регион без конфликт, но тоа бара храброст и визија, сега е време да се напуштат старите механизми што го одржуваа мирот делејќи ги заедниците. Иако корисни во минатото, сега тие се застарени. Приближувањето на заедниците едни до други, поттикнувањето на комуникацијата и дијалогот, почнувајќи од образовниот систем, се единствениот начин да се постигне одржлив мир.

– Секои две години, заедно со холандската влада, ВКНМ ја доделува наградата Макс ван дер Штул – 50 илјади евра за лице, група или институција за исклучителни постигнувања за подобрување на состојбата на националните малцинства во една од земјите на ОБСЕ. Во 2018 година, наградата ја доби средно училиште од Јајце, Босна и Херцеговина, а во 2011 година Нансен дијалог центарот во Скопје. Следната награда ќе се додели во 2020 година. Дали веќе ја знаете групата на кандидати од кои ќе биде избран победникот или победниците?

Не знам кои ќе бидат кандидатите, бидејќи процесот на номинирање и селекција ќе започне дури во почетокот на 2020 година. Но, знам дека има неколку посветени поединци и организации кои работат за интеграција и разновидност во регионот, а оваа награда е одлична можност тие да ги покажат, па и да ги зајакнат нивните напори. Затоа се надеваме дека ќе добиеме многу номинации од регионот и – зошто да не – и од Република Северна Македонија, од која дојдоа и наградените за 2011 година, Нансен Дијалог Центар – Скопје. Освојувањето на оваа награда повторно ќе испрати моќна порака дека ова разновидно општество навистина се упатило на патот на промени – пат во насока на интеграција со целосно почитување на различноста.