Македонија
26. April 2016 - 14:15

Заменик министерот за одбрана присуствуваше на НАТО-студентска симулација

Евро-Атлантскиот совет на Македонија денеска во пресрет на Самитот во Варшава организираше „НАТО – студентската симулација“ која е дел од Месецот на НАТО, под покровителство на Министерството за одбрана и НАТО – одделот за јавна дипломатија. 
 
Заменик-министерот за одбрана, Беким Максути на отворањето на студентската симулација нагласи дека клучните надворешни и одбранбени приоритети на Република Македонија се членството во НАТО и ЕУ.
 
- Македонија е целосно подготвена да ги преземе обврските кои произлегуваат од членството во НАТО-Алијансата која претставува клучен столб на современата безбедносна архитектура, рече тој. 
 
Пред студентите, претседателот на Евроатлантскиот совет Исмет Рамадани и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетанот Румен Радев, Максути посочи дека Македонија е инволвирана во сите НАТО механизми, со цел унапредување на капацитетите на Армијата на Република Македонија согласно НАТО стандардите. Во моментов, додаде, Македонија е во 17. циклус на акцискиот план за членство, а инволвирана е и во процесот за планирање – ПАРП.
 
Во контекст на придонесот кон мирот и безбедноста, заменик-министерот потсети дека Македонија од 2002 година во меѓународни мировни мисии учествувала со над 3.800 припадници на АРМ, како и дека во моментов придонесуваме со 39 војници и офицери во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
 
Оваа симулација, заклучи Максути, претставува одлична можност за студентите кои се наши идни лидери, да ги истражат ставовите на НАТО и на земјите-членки за современите предизвици и да увидат како НАТО функционира.
 
- Вие сте тие кои ќе ги водат процесите во Македонија. Бидете ентузијасти, мотивирајте го и активирајте го општеството. Ширете го атлантицизмот“, им порача заменик-министерот Максути на студентите на симулацијата, им порача на студентите заменик-министерот за одбрана.