Македонија
22. August 2016 - 15:29

Законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции пред пратениците

Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска расправа за Предлог законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, во прво читање.

Со законот се уредуваат начинот и условите за активностите на јавно информирање од страна на јавните институции во целосна или доминантна државна сопственост, постапката за реализација и начинот на распределбата на буџетот за кампањи за чија реализација се предвидени над 100.000 евра во денарска противвредност, како и начинот на известување на Агенцијата за  медиуми за реализираните кампањи во претходната година.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска нагласи дека не постои опасност од какво било влијание на уредувачката политика затоа што сите медиуми се вклучени во распределбата, и тоа не по нечиј дискрециски избор, туку по сила на закон.

- Законот обезбедува целосна гаранција дека јавните институции ќе можат непречено да ја извршуваат својата јавна функција и притоа пазарот на медиуми да не биде дестабилизиран, со оглед што изборот на медиуми за објавување на јавните кампањи е неселективен и недискриминаторски. Јавни пари можат да се трошат исклучиво во услови на постоење на потреба и широк јавен интерес. Притоа буџетот за оваа намена е оптимално избран за да се постигне целта на кампањата и буџетска ефикасност. Постапката на алокација на буџетските средства по медиумите е целосно транспарентна и се врши по математичка формула, рече Арсовска Томовска. 

Се воспоставуваат, како што појасни, точно утврдени критериуми преку кои ќе се утврди постоењето јавен интерес кој кампањите ги прави оправдани и се поставуваат правила за подготовка на медиумски план и алокација на средствата за кампањата по медиумите согласно математичка формула. Пропишано е дека кампањите со буџет од 100.000 евра во денарска противвредност и повеќе, ќе се емитуваат на сите национални, регионални и локални радиодифузери заведени во соодветните регистри на Агенцијата за медиуми, а исто така можат да вклучат и печатени и интернет медиуми, во зависност од целната група на кампањата. 

Распределбата на буџетот за закуп на поединечен медиум, според образложението, е пред се калкулиран врз основа на уделот на пазарот на групата на медиум на која припаѓа, потоа врз основа на фиксна компонента, и на крај според неговиот рејтинг, односно гледаноста и слушаноста. Заради подготовка на медиумски планови, Агенцијата за медиуми добива нова обврска да прибира податоци и пресметува удели на пазарот, удели на гледаност и слушаност на радијата, од кои дел ги добива од страна на Македонскиот комитет за мерење на публиката, агенции за мерење на публиката, Гугл аналитикс или други извори.

Во текот на расправата не беше прифатен предлогот на опозициската СДСМ за повлекување на законот од собраниска процедура. Законот, рече пратеникот од СДСМ Томислав Тунтев, не е резултат на никаков  политички договро, не произлегува од обврските за кои се договориле четирите политички партии и е уште еден обид да се продолжи корупцијата во медиумите од страна на власта.

Според Тунтев, во услови на актуелната политичка криза и  состојбите во медиумите хипокризично е да се зборува дека Владата знае да оцени јавен интерес. Со законот, посочи, се бара медиумите да бидат огласна табла за владините политики. Јавниот интерес треба да го оценат медиумите и тие ќе оценат како ќе ги пренесат информациите, рече Тунтев, истакнувајќи оти верува во професионалноста на новинарите, но, како што рече, не и во сопствениците на медиумите кои биле во спрега со власта.

Реплицирајќи министерката Арсовска Томовска рече дека пратеникот ја изместува темата и оти законот има решенија кои не се однесуваат на известувањето, туку на кампањите. 

Заменик-координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиески наведе дека носењето на законот е дел од итните реформски проиоритети дадени од Европската Комисија за Македонија, како и дека за законот имало јавна расправа со сите заинтересирани страни, на која СДСМ не присуствувале. 

- Законот нема да има влијание на периодот пред избори и ако се толку сигурни  по изборите ако сметаат дека овој закон не е добар, се разбира со мнозинство што евентуално тие сметаат дека ќе го имаат во Собранието, можат да го изменат, рече Илиески.