Заклучена врата за излез во случај на опасност, слаба заштита и незаконски огномет - низа пропусти во клубот во Кочани
Низа пропусти во работењето утврдиле истражните органи по првичниот увид во угостителскиот објект во Кочани. Два противпожарни апарати биле единствената опрема за заштита од пожар. Вратата за излез во случај на опасност била заклучена со катанец, а огнометот кој го предизвикал пожарот, се употребувал без дозвола.
Увидот покажал дека внатрешноста на објектот била обложена со плочи од гипс-картон без огноотпорни својства. Недостасувал и таван со огнена отпорност.
Според обвинителството, објектот бил регистран за работа на лесна индустрија, но тоа не било пречка министерството за економија уште пред 15 години да издаде дозвола за угостителски објект. Обвинителите, не пронашле ниту договор за настап на бендот. Досегашните испитувања упатувале на сторени повеќе кривични дела како давање и примање поткуп и тешки дела против општата сигурност. Уапсени се десетина лица за кои е побаран краткотраен притвор.
Увидот во дискотеката не е завршен. Од обвинителството велат дека се ангажираат и дополнителни јавни обвинители за водење на истрагата.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар