Свет
24. August 2020 - 13:48

Зајберт: Германската Влада смета дека е многу веројатно Навални да е отруен

Германската Влада смета дека лидерот на руската опозиција Алексеј Навални, кој е во кома во болницата „Чарите“  во Берлин, „многу веројатно е жртва на труење“, изјави денеска владиниот портпарол Штефан Зајберт.

-Ова е пациент кој многу веројатно бил жртва на напад со отров. Сомнежот не е поврзан со фактот дека Навални самиот се отрул, туку дека некој го труел, а германската Влада ова сомнение го сфаќа многу сериозно, рече Зајберт, објаснувајќи ги причините за поставувањето полициско обезбедување во болницата во која Навални се лекува.

Портпаролот, исто така, кажа дека немаше официјална покана од германската Влада, туку дека Навални од хуманитарни причини брзо влезе во земјата, на барање на неговото семејство.

Навални (44), во четвртокот беше хоспитализиран во Омск, откако му се слоши во авион, западна во кома, па потоа набрзо авионот мораше да слета во овој град. На барање на семејството и пријателите, кои сметаат дека тој е отруен, Навални во саботата од сибирската болница во Омск беше пренесен во болница „Чарите“ во Берлин.