Македонија
11. December 2020 - 11:38

Захариева: Непочитувањето на Договорот доведе до одлагање на преговорите за членство со Скопје

Решавачки фактор што ја наведе бугарската Влада на одлуката да одбие да се согласи на старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ е немањето „гаранции за добрососедските односи и за имплементација на билатерални договори“, изјави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за Програмата на германската телевизија АРД за Југоисточна Европа.

Захариева наведува дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу Скопје и Софија во 2017 година, меѓу другото, се предвидува формирање заедничка комисија од историчари „за решавање на постојните спорни историски прашања“ меѓу двете земји со консензус, која, според неа, не усепала да ја заврши својата задача.

– Бугарија сака да биде призната историската вистина. Ова не беше проблем за Македонија кога го потпиша договорот – заедничка историја што ќе не обедини, а не да не раздели. Ова е целта. Ние не велиме „Овие личности се само наши“, туку „Овие личности се заеднички“. Ова е модерно размислување на две земји, особено ако сакаат да бидат заедно во Европската унија, изјави Захариева.

Таа нагласува дека Бугарија инсистира на именување на македонскиот јазик како „официјален јазик на Република Македонија“, како и на промена на учебниците во Македонија, во кои, како што вели, „Бугарите се уште се претставени како фашисти“.

Захариева за АРД посочува дека бугарската Влада сака овие „нејзини забелешки да најдат свое место“ во рамки на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

– Не сакаме да ја запираме Република Македонија, но ако немаме гаранции во преговарачката рамка, ќе биде невозможно да се каже „да“. Значи, без оглед на сегашното или следното претседателство, доколку нашите предлози бидат вклучени за дискусија во преговарачката рамка, Бугарија ќе може да каже „да“, нагласува Захариева.

Таа истакнува дека не гледа зошто би било проблем во преговарачката рамка да се стави одредба дека Македонија треба да го почитува Договорот со Бугарија.

– Зошто е проблем во рамката за преговори да се стави и добрососедството, што е хоризонтален критериум од Мастрихт? Имаше такви содржини во преговарачката рамка на Хрватска. Ова не е преседан, тврди Захариева.