Македонија
27. November 2020 - 16:35

Заев во судница: Трајко, Миле и Спиро не се организатори, виновен е Груевски

Премиерот Зоран Заев смета дека обвинетите за случајот „27 април“ не се организатори на собраниските насилства. Во судницата сведочеше дека грозоморниот настан имал организатори, но тие не биле четворицата кои седат на обвинителната клупа.

„Не мислам дека главни осмислувачи, мотиватори и организатори се Миле, Спиро, Трајко. Според моите сознанија овие луѓе се изманипулирани од Груевски. Не е коректно за правниот систем да се води ваков судски предмет“, изјави во судницата Заев.

Обвинителката Вилма Рускоска во судницата рече дека Заев бил повикан да сведочи, а не да дава свои мислења.. Во изјава за медиумите таа не одговори дали ќе го повлече обвинението - очекува судот да ги цени доказите предложени од обвинителството.

„Премиерот денеска беше викнат во својство на сведок, не беше повикан во својство на вешто лице да дава свое мислење. Он не понуди никакви докази дека овие луѓе не се едни од организаторите. Апсолутно не се сложувам со изјавата дека биле изманипулирани. Обвинетите не се малолетни за да може било кој да ги изманипулира“, изјави Вилма Рускоска, Јавен обвинител.

Заев денеска сведочеше по барање на обвинетиот Трајко Вељановски.. Неговиот адвокат очекува по изјавата на Заев, Рускоска да го повлече обвинението за наводните организатори на 27 април.

„Ако првиот човек на државата во изминатите четири години како премиер со пристап до сите безбедносни информации каже дека организатори за „27 април“, сигурно не се Спиро, Миле, Трајко, мислам дека е сосема релевантна информација која што може да се земе во предвид и треба ова обвинение таа насока и да оди. Односно, истото да биде повлечено“, изјави Еленко Миланов, Адвокат.

Денешното рочиште беше прекинато откако обвинетиот Спиро Ристовски се пожали на покачена телесна температура. Судењето ќе продолжи на 2 декемри со сведочење на пратеникот Африм Гаши.