Македонија
27. July 2021 - 17:00

Заев: Во Македонија се почитуваат правата на сите малцинства, држиме лекции на Европа

Не сакаше да му реплицира на бугарскиот претседател Радев, но сепак, премиерот Заев со порака до бугарските политичари –  не може политички претставници да зборуваат за одредени политики и да влечат соодветни заклучоци.

Нема никакви дилеми дека во Македонија се почитуваат правата на сите граѓани, вели шефот на македонската влада, како одговор на се погласните тврдења од Софија, дека Бугарите во земјава се обесправена категорија.  

“Зоран Заев се појавил на манифестации на бугарските здруженија многу повеќе во последните години отколку на македонски здруженија или албански или турски во државата, затоа што сум бил поканет, сум бил таму. Подигнавме споменик на полковник Гаранвалиев со сите бугарски знамиња напред...сме покажале респект затоа што се работи за нашиот сосед, но и се работи за граѓани со определба Бугари во нашата земја. Дај да видам колку пати нивните политичари во Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалкубројни заедници во Бугарија”

Кога ЕУ ќе одлучи да го продолжиме европскиот пат нека ни се јави. Ние направивме се што се бараше од нас, истакна премиерот, дополнувајќи дека во меѓувреме планот е да продолжи европеизацијата дома.

Без да го подгрева оптимизмот, Заев очекува до крајот на годинава почеток на преговорите со ЕУ

“Држиме европски лекции овде од Западен Балкан, од Северна Македонија. Сме заслужиле од сите аспекти, но одлуката е на Европската Унија. Јас искрено се надевам дека до крајот на 2021 година ќе ја добиеме првата меѓувладина конференција. Потоа следува скринигот и отворање на првите поглавја,” вели Зоран Заев.

Коментарите на Заев доаѓаат по изјавата на бугарскиот претседател Радев дека иако Скопје тврди дека ги исполнува критериумите за почеток на преговори, во Македонија постои систематско кршење на правата на граѓаните со бугарско потекло и нивна дискриминација, а сè уште има и говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор.