Македонија
24. October 2016 - 16:16

Заев со порака: Македонија ќе ја развиеме, децата ќе ни останат тука

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во денешното обраќање по повод Денот на Обединетите нации, рече дека ќе ја намалат нееднаквоста, оние кои имаат помалку, да плаќаат помалку за јавните услуги, а најзагрозените ќе ги ослободат од јавните давачки.

- Ќе ја победиме гладта и луѓето ќе ги извлечеме од сиромаштијата. Сите пари ќе ги насочиме кон граѓаните. Силно ќе ги поддржиме домашните претпријатија за да отворат нови работни места и да обезбедат пристојна работа на вработените. Целта што ја зацртавме е достоинствена просечна плата од 30.000 денари. Ќе ја постигнеме со економски раст во државата. Со шанси за отворање нови домашни фирми, преку старт ап центри со бесплатен деловен простор, со 1 евро основачки капитал - секој со добра идеја да може да работи и да помогне и на други да работат, рече Заев.

Посочи дека за добро здравје ќе овозможат јавно здравство достапно за сите и бесплатно болничко лекување за сите. За образование што учи, нагласи, ќе го намалиме бројот на предмети и ќе обезбедиме квалитетна настава.

- Гасот ќе го воведеме во сите градови во Македонија, за чиста животна средина. Стотици милиони евра ќе насочиме кон градинки, училишта, болници, патишта. Успеавме во Струмица, ќе успееме и во Македонија. Република Македонија е членка на Обединетите нации и ве уверувам, ќе биде дел од глобалниот развој, додаде Заев.