Македонија
6. May 2019 - 13:29

Заев: Промени ќе има и во Владата и во СДСМ

Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека по завршувањето на претседателските избори ќе има промени за да се отстранат слабостите во извршната власт, почнувајќи од Владата, заменици-министри, државни секретари, по вертикала во државните институции, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, но и во СДСМ.

– Од денеска ќе почнам да правам анализи, секако во одредени консултации со првите соработници поради тоа што гајретот и грижата првенствено е моја. Знаете дека мора да бидат затворени изборите, со официјално прогласување од Државната изборна комисија со самиот извештај за да ги почнеме таквите постапки. Јас сум надлежен во извршната власт, овде ќе има промени, изјави Заев во Владата, одговарајќи на новинарско прашање за најавената „Метла“ по изборите.

Најави дека истовремено ќе прави промени и на другото место каде што е надлежен како претседател на СДСМ.

– Имаме намера и овде да направиме одредени промени, со одредени носители на функции, на локално и на централно ниво, сето заедно. Имам намера затоа што партијата добила одговорност низ органи и тела на политичката партија, но и низ органи и тела на државата, како што постојат, пред се Парламентот, кој ја бира Владата и владините претставници, во еден најбрз период да се направат промените заради тоа што време е за работа. Државата има претседател, ветер во грб и во нашите сидра добивме сите и она што мора да го направиме е промена на одредени раководни структури, одредни функционери кои покажаа слабост, рече Заев по примот во Владата по повод Денот на македонскиот јазик.

Додаде дека на нивно место ќе има нови кадри кои ќе треба да извлечат поука, да не ги повторат истите грешки како претходните и истовремено да покажат уште поголем резултат од претходните.