Македонија
14. October 2020 - 16:43

Заев не открива детали за барањата на Захариева, Османи тврди дека нема нов договор

Премиерот Заев уверува дека се уште има можност разговорите помеѓу Македонија и Бугарија да завршат со успех. Сепак во пресрет на утрешната средба на мешовитата комисија за историски прашања во Скопје, Заев не открива детали од разговорите во Софија, кои пред два дена ги оцени како непријателски и неевропски.

Пет дена по посетата на Софија, министерот за надворешни работи преку социјалните мрежи порачува дека не се подготвува нов договор со Бугарија, туку дека се зајакнува комуникацијата помеѓу двете земји на сите нивоа.

„Отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство; ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Второ, посета на Бугарија беше позитивна, затоа што се отворија сите прашања, се засили меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмираа заедничката желба, и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија“, пишува Османи на фејсбук.

Министерот за надворешни работи ги повикува сите политички чинители во земјава на сериозно и одговорно однесување бидејќи потенцира дека добрососедските односи и евроспката перспектива на Македонија се заедничка одговорност.