Македонија
7. March 2021 - 16:49

Заев најавува зголемување на владејачкото мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ најавува македонска пролет

Иако ја отвори вратата за нов концепт на широка Влада во која би влегле сите партии, премиерот Зоран Заев не се откажува ни од идејата кон тековното парламентарно мнозинство да додаде уште некој пратеник што од опозиција би преминал во власт. Се надева дека бројката од 62 ќе порасне на 64, па и повеќе пратеници.

Од опозцијата пак, и понатаму тврдат дека тие исто преговараат за ново мнозинство. Предлогот на Заев за широка коалиција е најдобриот показател дека неговата Влада е разнишана, велат од партијата на Мицкоски.

Од Алијанса на Албанците пак, велат дека имаат услови за влез во која било Влада.

Но, и партнерите на Заев не се расположени за тоа Владата да ја сочинуваат сите парламентарни партии. Откако лидерот на ДУИ Ахмети посочи дека местото на опозцијата е надвор од Владата, и Горан Милевски од ЛДП се изјасни против идејата.

„ Ако си се сакаат, нека си се земат. ЛДП на таква свадба нема да присуствува“, напиша Милевски на Фејсбук. 

Неговата партија минатата недела се издвои од пратеничката група на СДСМ и реши да дејствува самостојно, иако дава поддршка за владиниот кабинет на Заев, ист потег направија и ДС и ДОМ.