Македонија
29. January 2019 - 13:49

Заев на средбата со Даниелсон: Правиме смели чекори за почеток на преговорите со ЕУ во јуни

Поддршката на Европската комисија, институциите на Европската Унија, земјите членки на ЕУ, на нашите соседи и многу други лидери, беше клучна за цврсто да зачекориме напред и Република Македонија да се врати на патот кон Европската Унија и НАТО, како и за стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата земја, истакна премиерот Зоран Заев денеска на состанокот со Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

На состанокот беше презентиран актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија, а  Даниелсон беше придружуван од евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбога  и од други претставници на мисијата во Скопје.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев истакна дека 2018 беше година од историско значење за Република Македонија, за конечно решавање на спорот со Република Грција и дека со Договорот од Преспа и со ратификацијата во двете земји е затворен 25-годишен проблем  и тој е  трансформиран во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ.

Паралелно со овој процес Владата, посочи Заев, работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба со криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.

-Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата информираше дека девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.

-Убеден сум дека овие нови стандарди кои оваа Влада ги постави ќе продолжат и ќе се засилат, а тоа ќе биде аргумент за Република Македонија да оди напред во интеграциите кон ЕУ кои беа долго замрзнати. Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општество, но успех и за Западен Балкан и за Европската Унија. Република Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и отпочнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до регионот на Западен Балкан, дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати – ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува, рече Заев во своето воведно обраќање на состанокот.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи потенцираше дека спроведувањето на реформските пакети се остварува со предвидената динамика и ги следи препораките на Европската комисија, и го нагласи фактот дека надминувањето на политиките пречки за исполнување на реформите во голема мерка учествува и во кохезијата на македонското општество заради сознанието дека реформите ја приближуваат земјата кон неподелената стратешка определба на граѓаните за евроатлантските интеграции.

Вицепремиерот  и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, во своето обраќање на состанокот говореше на реформскиот пакет кој се однесува на безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата, и нагласи тој ќе биде затворен до крајот на извештајниот период на Европската комисија, односно до крајот на април, вклучувајќи го и формирањето на Советот за граѓански надзор за работата на безбедносните служби.

Рената Дескоска како министер за правда на состанокот со Кристијан Даниелсон информираше детално за системот закони од правосудството, за Законот за борба против корупцијата и спречување на конфликтот на интереси, како и изборниот законик и останатите закони. Таа нагласи дека сите овие закони се донесени или се финализираат во целосна и сеопфатна соработка со стручните тела на Европската комисија и меѓународните организации од оваа сфера.

-Министерката за правда Дескоска потенцираше дека Владата на РМ е максимално посветена на тоа овие закони да бидат усвоени со политички консензус и во соработка со опозицијата како клучни закони за враќање на довербата на граѓаните во институциите и владеење на правото, наведува во соопштението владината прес-служба.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ги презентираше најновите информации за спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, која опфаќа повеќе законски решенија за професионална, департизирана и кон граѓаните ориентирана државна администрација. Во неговото обраќање посебно место имаа и реформските процеси за дигитализација на општеството како предуслов за едноставни и модерни услуги за граѓаните, како и прашањата за сајбер безбедност и за имплементација на најновите методологии за образование за информатички вештини на учениците.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров нагласи дека во надворешната политика нашата земја останува на веќе утврдените приоритети за евроатлантските интеграции, за добрососедска политика и за зацврстување на стратешкото пријателство со земјите партнери од НАТО и ЕУ, како и со сите останати земји со нашата земја има воспоставено принципиелни пријателски односи. Тој подвлече дека очекува Република Македонија, со поддршка на ЕУ, да извојува уште една историска победа за себе и за ЕУ, и да ги отпочне преговорите со Европската комисија во јуни оваа година.

Како што посочува прес-слуѓбата на Владата, директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија Кристијан Даниелсон на состанокот со Заев и со надлежните министри на ресорите од приоритетно значење за реформи до извештајниот период на ЕК во април, истакна дека во име Европската комисија уште еднаш ги пренесува честитките за историскиот договор со Грција, и дека таа останува и понатаму максимално посветена на поддршката за Република Македонија во претстојниот период за да се оствари договореното минатата година – отворањето на поглавјата да почне во јуни оваа година.

– Господинот Даниелсон истакна дека напредокот и посветеноста на Владата на РМ се видливи, и дека Европската комисија ќе продолжи со укажувањата и препораките, како што тоа го прават добрите пријатели, за да се остварат заедничките интереси на Република Македонијa и на ЕУ, наведува Владата во соопштението за состанокот на кој  беше презентиран актуелниот статус на процесот за интеграција на Македонија  во Европската Унија.  Пред заедничкиот состанок со ресорните министри, Заев и Даниелсон имаа тет-а-тет средба.