Македонија
11. November 2015 - 19:14

Заев: Ќе се кандидирам на следните избори

Изборот на преодната Влада, на новите министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и на тројцата заменици министри со право на вето е само уште еден чекор по незапирливиот пат што ќе ги донесе демократските промени во Република Македонија, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев по собраниската седница за избор на новите министри и заменици, во согласност со Договорот од 2 јуни/ 15 јули. 

- Задачата на овие луѓе се да бидат контролори на целиот процес и да ја гарантираат слободната волја на граѓаните, слободно изразена определба во Република Македонија, изјави Заев.

На 24 април, за кога се закажани парламентарните избори, лидерот на СДСМ рече дека ќе бидат вратени уставните и економските вредности, за кои сите се залагаат.

- Ова денеска претставува еден исчекор кон трајната определба на секој демократ во нашата земја предводен од СДСМ и опозицијата, изјави Заев.

Лидерот на СДСМ рече дека ќе се кандидира на претстојните парламентарни избори закажани за 24 април следната година. - Нема да бидам градоначалник заради тоа што ќе ја добијам честа да ја предводам новата Влада на Република Македонија, изјави Заев.

Заев рече дека политичка одговорност доколку има инциденти на изборите на СДСМ ќе согласно партиципацијата во Владата.

- Сите сте сведоци дека во Македонија постојат закони, но во изминатите периоди за време на изборите тие не се практицираа во пракса. Влезени сме во оваа Влада за да ја гарантираме слободно изразената волја на граѓаните. Апсолутно согласно својата партиципација таква ќе биде и одговорноста за фер и демократски избори, изјави Заев.   

Пратеничката група на СДСМ денеска не гласаше за министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и Тимчо Муцунски поради тоа што, како што рече Заев, ова не е коалициска влада со ВМРО-ДПМНЕ туку резултат на постигнување на политички договор.