Македонија
18. November 2021 - 19:31

Заев и Гаши договорија средба, ќе има ли договор и за ново мнозинство?

Премиерот Заев и лидерот на Алтернатива Гаши утре попладне на заедничка средба во Клубот на пратениците ќе се обидат да постигнат договор за влез на Алтернатива во владината коалиција. Со тоа би се дооформило мнозинство со 64 народни избраници откако БЕСА на Касами премина од власт во опозиција.

Заев е оптимист уште пред самата средба со Гаши. 

„Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори – напротив до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата“, рекол Заев на средба со австрискиот шеф на дипломатијата во контекст на евроинтеграциите.

Пратеникот и член на претседателството на Алтернатива Реџепи вели дека ако Гаши и Заев постигнат договор претседателството викендов ќе ја потврди одлуката за влез во Владата.

„Начелно верувам дека Алтернатива ќе биде дел од Владата. Да почекаме до конечната одлука. Верувам дека предност ќе дадеме на евроинтеграциските процеси. За министерства ништо не е разговарано, таква понуда се уште немало. Кога ќе дојде ќе одлучиме“, ни рече Реџепи во телефонски разговор.

Гаши веќе еднаш беше во владина коалиција со Заев пред ланските парламентарни избори, кога реши да ја напушти соработката и склучи коалиција со Алијанса на Албанците на Села. Реџепи вели дека договорот со Села сега не би требало да е проблем за новата одлука бидејки тој де јуре важел до локалните избори.

И главниот коалициски партнер на СДСМ - ДУИ смета дека неспорно е новото стабилно мнозинство и тоа ќе биде објавено наредната недела. 

„Во моментот се случуваат тие разговори и преговори за постигнување на тоа мнозинство. Ќе повторам, многу е важно дека рационалните политички сили, па и пратеници одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива. Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата.“

Во новото мнозинство на Заев дефинтивно влегува и екс пратеникот на БЕСА Реџепи кој денеска имал и средба со премиерот на која била потврдена заедничката заложба за реформи и европски пат.